Над 20.000 кумановци лани посетиле 100 претстави во кумановскиот театар, информираа денеска надлежните од националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“.
Директорот на установата, Сашо Тодоровски, вели дека оваа бројка покажува дека за три пати е зголемена посетеноста на театарот во однос на претходните две години.
– Минатата година имавме доста успешна година за Театар Куманово и за Центарот за култура. Над 20.000 посетители што можеме да кажеме дека пред две години тројно е зголемена посетеноста на театарските претстави во Театар Куманово, имаме бројка од 20.000 посетеност во 2019 година и повеќе од 100 реализирани претстави изминатата година, претстави од македонска и албанска драма. Имавме шест премиери од македонска драма и две од албанска. Очекуваме оваа година да биде уште поуспешна од минатата- изјави Тодоровски.
Годинава се очекува и да се оствари можноста дел од билетите да се набавуваа по електронски пат. Во 2019-та година кумановци имаа можност да ги проследат премиерите, детската претстава „Малата сирена“ , „Недоразбирање“, „Макбет“, „Бегалка“, „Имотот на агата“, „Телефонот на мртовецот“, од албанската драма „39 чекори“ и „Мандрагола“. Љубителите на театарската уметност во Куманово уживаа и во изведбите на „Жена од минатото“, „На погрешно место во погрешно време“, „Физика на тагата“, „Јованче и Марика“, „Мани, мани, мани“, „Мојата ти“, „Ни ваму, ни таму“.