Во земјава лани вкупно се собрани 632.087 тони комунален отпад што е зголемување за 0,3 отсто во споредба со 2020 година. Од собраниот отпад дури 99,8 отсто е исфрлен на депонии, објави Државниот завод за статистика (ДЗС).
Според податоците, најголемо количество на собран комунален отпад е во Скопскиот Регион – 176.917 тони или 28 отсто од вкупното собрано количество. Од вкупното количество на собран отпад, 528.261 тон или 84 отсто се од домаќинствата, а останатите 16 отсто се комерцијален отпад од правни и физички лица.
Најмногу од собраниот отпад е измешаниот комунален отпад – 522.914 тони или 82,7 отсто, а најмало количество има отпадот од гума – 1.598 тони или 0,3 отсто од вкупното количество.
Во минатата година вкупното количество на создаден комунален отпад изнесува 896.066 тони. Годишното количество на овој отпад по жител лани изнесува 452 килограми, исто како и во 2020 година, соопшти ДЗС.