Германска група која следи случаи на антисемитизам денеска соопшти дека документирала повеќе од 2.700 инциденти во земјата минатата година, вклучително и 63 напади и шест случаи на екстремно насилство.
Одделот за истражување и информации за антисемитизмот (RIAS) во извештајот наведе дека главни двигатели на забележаните инциденти биле антисемитските теории на заговор поврзани со пандемијата на коронавирусот и антисемитските критики за конфликтот на Блискиот Исток.
Меѓу евидентираните инциденти има и кривични дела.
Германскиот комесар за антисемитизам Феликс Клајн го опиша бројот на инциденти во извештајот на RIAS како застрашувачки, додавајќи дека „во исто време, секој регистриран инцидент е чекор кон намалување“ на нивниот број.
Во извештајот се наведува дека десничарските екстремисти се одговорни за 17 отсто од инцидентите и дека повеќе од половина од евидентираните антисемитски инциденти не може да се припишат на некој посебен политички став.