Колега Сугарески, луѓето и политичираите се паметат по своите дела. Кога сте имале можност ништо не сте направиле, а камоли Универзитет да сте основале. Напротив, деновиве рушите. Рушите она што припаѓа на сите граѓани на Република Македонија. И за жал, по тоа ќе бидете запаметени. По рушењето!, вака пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска ја започна својата реплика кон пратеникот Горан Сугарески од СДСМ во врска со поднесената интерпелација за работата на претседателот на Комисијата за образование, наука и спорт.
Лашкоска се осврна и на речникот на изразување и стилот на функционирање на пратениците од СДСМ, како во Комисијата за образование, така и кон претседателката на истата Комисија. Таа напомена дека, однесувањето на пратениците од СДСМ во Собранието само го потврдува она што опозицијата го прави во изминатиов период низ улиците на Скопје.
Еве и денес, ја напаѓате колешката Олга Најденовска заради тоа што поддржува основање на нов Универзитет во Република Македонија. Читајќи ја интерпелацијата, за жал морам да констатирам дека со стилот на изразување, со речникот кој што сте го користеле, можам да кажам дека се срамам што сум дел од овој пратенички состав кога е поднесена ваква интерпелација бидејќи во овие пет години откако сум во Собранието по конфузен текст немам сретнато. Колега, се обраќавте на колешката Најденовска со погрдни зборови кои што не сакам да ги изговорам, да ги употребам за ниту еден човек. Се обраќавте на колешка со голем авторитет, која што има постигнато голем успех во целото свое работење. Можам да кажам само едно браво, на координаторот на СДСМ Горан Сугарески! Тој го потврди она што опозицијата го прави. Хаосот на улиците, но и хаосот во Собранието, додаде Лашкоска.
На крајот, таа го запраша координаторот на СДСМ Горан Сугарески, дали знае колку судбини на млади луѓе и студенти се уништиле во изминативе години поради срамното и криминално однесување на некои универзитетски професори кои што впрочем СДСМ жестоко ги бранел и сеуште ги брани.
Колега Сугарески, единствената криминална банда во државава е токму вашето раководство. Дали сте свесен дека денес вие браните статус кво ситуација? Дека сакате да уништите судбина и иднина на многу млади луѓе. Дали сте се запрашале колку судбини на млади луѓе во Македонија е уништена од вас овие денови односно вчера и денес? Дали себе си си поставивте прашање, колку студенти не го завршиле економскиот факултет и зошто?, праша Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ.