Во вечерашното издание во емисија „Топ тема“ гостуваше пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска која се осврна на законот за недела да биде неработен ден, како и за останатите владини политики кои секојдневно се рефлектираат на животот на граѓаните.
Таа потенцираше дека законот за недела да биде неработен ден е еден популистички закон со кој власта сака да ги избегне посериозните теми кои во овој момент се од круцијална важност.
– Во моменти на пандемија во која што Македонија забележа поразителни бројки на заболени и починати, во моменти кога во Република Македонија има над 50.000 невработени како резултат на пандемијата, власта турка закон за недела да биде неработен ден – додаде Ласовска.
Според Ласовска, ова законско решение нема да опфати над 30 стопански гранки, односно тие нема да видат никаков бенефит од законот, иако за воља на вистината законот е во ред и голем дел од работниците во Република Македонија заслужуваат еден неработен ден во седмицата.
– Но, Владата нека се фокусира на важните работи кои во овој момент мора да се менаџираат многу подобро, бидејќи државата се соочува со огромна економска и здравствена криза. Додека сите останати соседни земји веќе имаат одреден број на вакцини кои што ги набавиле за граѓаните, Владата на Република Македонија моли за милостина и манипулира со граѓаните дека вакцините штотуку не стигнале. Додека во фирмите низ државата се случува работници да примат плата од цели 2 денари, а инспекциите тоа да не го забележат, власта вели дека ќе обезбеди неработен ден за работниците. Е тоа се дволичните игри на власта, која што цели 5 години од ден во ден само лаже и купува ден повеќе на политичката сцена – истакна Ласовска.
– Одредени стопански гранки веќе реагираат за ова законско решение и велат дека ваквиот закон не треба да биде само од полза на одредена категорија на работници, туку на сите. За жал според нив, овој закон не е идеален и нема да помогне на сите работници, напротив ќе придонесе за нови кратења од работните ангажмани на голем број работници – заврши Ласовска.