
Без никаква дебата и без никакви аргументи, власта предводена од СДСМ и ДУИ на јавноста во понеделникот во Собранието подмолно ѝ го подметнаа предлогот за легализација на хомосексуалните бракови, кој може да биде вовед во идно овозможување на повојување на деца без родители од хомосексуални двојки, предупреди во вторникот Влагица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа посочи дека и според Уставот бракот е заедница исклучиво меѓу еден маж и една жена и оти на Македонија не ѝ се потребни експерименти со истополови бракови или посвојување на децата без родители од страна на двојки од исти пол, откако пратеникот од ДУИ, Бранко Манојловски во парламентот зборуваше за ваквиот предлог и бараше поддршка од пратениците.
.Граѓаните не гласаа за истополови бракови или отворање на можностa хомосексуални двојки да посвојуваат деца. Ваквите законски измени ги немаа во своите програми ниту СДС, ниту ДУИ и затоа ние цениме дека е подмолно постизборно да се подметнуваат вакви законски решенија, рече Ласовска.
Истакна дека нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против индивидуалните слободи и изразување на сексуалната определба сé додека тоа е согласно со законските одредби.
Според законот за семејство Член 6: „Бракот е со закон уредена заедница на живот на маж и на жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството. Односите помеѓу брачните другари се засноваат врз слободна одлука на мажот и на жената да склучат брак, врз нивната рамноправност, меѓусебно почитување и заемно помагање“, цитираше Ласовска и предочи дека Македонија е традиционално општество каде се негуваат семејните вредности.
Предлогот на пратеникот од владејачкото мнозинство сам посебе е спротивен на волјата и на ставот на огромното мнозинство граѓани за бракот како заедница на еден маж и на една жена. Традиционалниот брак како заедница на еден маж и една жена во Македонија го поддржуваат и Македонци и Албанци и Срби и Турци и Власи и Роми и Бошњаци и христијани и муслимани, и сите останати верски и етнички заедници, рече Ласовска.
Потсети, исто така, дека последнава седмица истата група активисти и сајтови блиски до СДС и парламентарното мнозинство се преполни со изјави за релативизирање на педофилијата, дефинирање на педофилите како маргинализирана група и признавање на исто половите бракови, заедно со посвојување на деца од хомосексуални двојки.