Ласовска: Со континуираното неприсуство на одредени министри се покажува односот на Владата кон законодавниот дом

Благица Ласовска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, при заседавањето на седница за пратенички прашања изрази незадоволство поради континуираното неприсуство на одредени министри, а со самото тоа се покажува и односот на оваа Влада кон законодавниот дом.

Имено, институтот пратенички прашања е сериозна алатка особено за пратениците од опозицијата. Еве јас денеска имам две пратенички прашања за министерот за образование, не е тука, а не е тука ниту заменикот министер за образование. Подолг период сакам да поставам прашање директно и до министерката за правда, Рената Дескоска но истата подолг период не е присутна на пратенички прашања. Што само по себе го покажува односот на одредени ресорни министерства кон законодавниот дом, појасни Ласовска.

Притоа порача дека во секој случај таа и денеска ќе ги постави прашањата на кои очекува одговори.

„Првото прашање како што кажав е за МОН, имено неодамна во јавноста постои веста дека Комисијата за ревизија на учебници формирана согласно договорот за добрососедство со Република Бугарија констатирала дека има потреба од измена на 30 учебници. Оваа вест постои така бегло кон јавноста и незабележително, а МОН не ја информираше јавноста за што всушност се работи. Дали е тоа конечен став? Кои се тие учебници? Вклучително дали е историјата вклучена во нив? Кои се содржините што треба да бидат променети? За кое ниво на настава се работи, дали за основно или средно? И второто прашање дали е дојден моментот на промена на учебниците согласно договорот и кога МОН ќе ги каже тие учебници содржини што треба да бидат променети? Или пак ова е само најава и желба на бугарската страна односно на бугарската комисија? А, македонската има забелешки по истата, и затоа бараме целосна комплетна информација за јавноста“, рече пратеничката.