Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделникот на онлајн прес-конференцијата во Москва порача дека колку повеќе оружје со долг дострел Западот ѝ доставува на Украина со кое може да се гаѓаат цели на руска територија, толку повеќе Русија ќе ја оддалечува линија на закана од својата територија отфрлајќи ги тврдењата дека доколку немало руска интервенција ќе немало и испораки на оружје.
„Претседателот на Русија, Владимир Путин, веќе ја коментираше ситуацијата која се наложи во врска со испораките на нови вооружувања на (Украина), и можам само да додадам дека колку што вие (Западот) повеќе испорачувате оружја со долг дострел, толку подалеку ќе ја потиснуваме линијата од својата територија, од којашто неонацистите можат да се закануваат на руското населени во Украина и на Руската Федерација“, рече Лавров.
Шефот на руската дипломатија притоа истакна дека сведувањето на ситуацијата на формулацијата „доколку ја немаше специјалната операција (како што Москва ја нарекува воената интервенција во Украина), ќе немаше испораки на оружје“ е погрешно и поедноставување на состојбата.
„Станува збор за фактот дека 20 години и Велика Британија и САД, и други членки на НАТО беа предупредувани: ‘Драги пријатели потпишавте во 1999 година дека никој нема да ја јакне својата безбедност на сметка на безбедноста на другите, зошто вие не можете да го направите тоа? (…) Зошто тоа се покажа како лага? И наместо тоа велите: Тргнете се од НАТО, прифаќаме кого сакаме“. И пет пати се приближуваа до нашите граници“, истакна Лавров.
Велика Британија ќе ја снабди Украина за војната против Русија со повеќекратни ракетни системи коишто може да гаѓаат цели на оддалеченост од 80 километри, соопштени е во понеделникот за потегот кој координиран со САД за да се нанесат потешки удари на руската војска. Британскиот министер за одбрана Бен Валас изјави, објаснувајќи го подарокот за Киев во вид на системот за повеќекратно лансирање M270, дека британската поддршка за Украина ќе се промени во согласност со наводното развивање на руската тактика.
Американскиот претседател Џо Бајден минатата седмица изјави дека Вашингтон на Киев ќе му испорача артилериските ракетни системи со висока подвижност M142 односно HIMARS, исто така со дострел до 80 километри, откако од челниците на Украина добил гаранции дека нема да бидат употребени за гаѓање цели на руската територија, што би значело невиден ескалација на конфликтот.
Ден потоа портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека таквите гаранции дадени од Киев се безвредни и оти на тамошните власти не може да им зе верува.
Рускиот претседател Путин во неделата порача дека испораките на вакви типови оружја за Украина „не се ништо ново“, но предупреди дека ќе следува жесток руски одговор доколку САД испорачаат муниција со поголем дострел за системите HIMARS.
Американското министерство за одбрана соопшти дека на Украина ќе ѝ испорача четири системи M142/HIMARS, заедно со наведуван повеќекратен ракетен систем за кој вели дека има дострел од повеќе од 64 километри.