
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во разговорот со турскиот колега по должност Хакан Фидан ја истакнал „деструктивноста“ на последните потези на Анкара со испорака на оружје за Украина и кршејќи го договорот со Москва на ослободените команданти на ултранационалистичката украинска формација „Азов“ да им дозволи да се вратат во земјата, објави во неделата руската дипломатија.
„Соговорниците разменија мислење за регионалната агенда со акцент на неодамнешните случувања во однос на Украина вклучително и ситуацијата со враќањето на лидерите на ‘Азов’ од Истанбул во Киев“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Во петокот украинскиот претседател Володомир Зеленски допатува во Турција каде што разговараше со турскиот колега по должност Реџеп Тајип Ердоган. Следниот ден Зеленски објави дека Денис Прокопенко, Свјатослав Паламар, Серхи Волински, Олех Хоменко, Денис Шлега ќе се вратат во Киев од Истанбул.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истакна дека враќањето на командантите на злогласниот ултранационалистички украински баталјон „Азов“ кој е вклучен во редовниот состав на украинската војска претставува кршење на условите од постигнатиот договор. Имено, според договорот за размена на зарабеници меѓу Москва и Киев со посредство на Анкара, тие лица кои ги ослободи руската војска треба да останат во Турција до крајот на војната.
Според Песков, Анкара ја донела таквата одлука под притисок поради несупесите на украинската војска изминатиот месец од почетокот на долгонајавуваната противофанзива и претстојниот самит на НАТО во Вилнус во вторник и среда, на кој Турција, заедно со Унгарија, ќе бидат под притисокот брзо да го ратификуваат приемот на Шведска во Алијансата.
Ланскиот септември во размената на заробеници со посредство на Турција по теркот „сите за сите“ беа ослободени 56 руски заробени војници за 215 украински заробени војници, меѓу кои и петмината команданти на баталјонот „Азов“ заробени во опсадата на железарницата „Азовстал“ крај градот Мариупол. Во јануари годинава весникот Hurriyet потврди дека „азовците“ се наоѓаат на територијата на Турција, што било барање на Русија.
Како што додаваат од Москва, Лавров му го истакнал на Фидан „деструктивниот курс“ на Анкара и во врска со континуираното снабдување со воена опрема. Како што наведува рускот Министерство за надворешни работи, Лавров истакнал дека таквите потези „може да доведат само до негативни последици“.
Министрите за надворешни работи, исто така, ја потврдиле потребата од „зачувување и закакнување на доверливиот карактер“ меѓу Русија и Турција врз основа на договорите меѓу шефовите на двете држави.
Претходно деновиве кабинетот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека е планирана негова средба со рускиот колега Владимир Путин во август, но од Кремљ одговорија дека засега не добиле таква најава.