Лазаров: Бевме доста добри, она што сакавме тоа го видовме на терен!

Македонската машка ракометна репрезентација имаше уште една проверка пред Светското првенство (СП) кое ќе се игра овој јануари.

Нашиот национален тим даде силен отпор на една од најдобрите селекции во европскиот ракомет Хрватска (25-27), податок кој го радува селекторот Кирил Лазаров.

„Задоволен сум од натпреварот, она кое го сакавме го видовме во Вараждин во еден меч кој се одигра во убава атмосфера. Не ме загрижува поразот. Мислам дека бевме доста добри со добар противник. Имаме уште две подготвителни средби до Светското првенство и мислам дека ќе влеземе спремни на настанот“, изјави Лазаров.

Македонија до стартот на СП 2025 ќе одигра пријателски натпревари против хрватскиот клуб Сесвете, како и против Зеленортските острови.