Лазаров конечно успеа да се закити со титулата шампион на Европа!

Барселона во чии редови настапува македонскиот репрезентативец Кирил Лазаров е новиот европски ракометен првак, откако во Келн во финалето на Лигата на шампионите го совлада унгарски Веспрем со 28:23.

Клучна за победата на Каталонците беше предноста од четири голови остварена по првото полувреме (14:10). Во средината на вториот дел унгарскиот тим дојде до минус два, но немаше сили за пресврт.

Лазаров поголемиот дел од натпреварот беше на клупата и не постигна гол, не успеа да стане најдобар стрелец во ЛШ, но му се оствари желбата да го освои трофејот кој му недостигаше во неговата клупска кариера.

Од есента 1995 година, кога дебитираше за Борец против Динамо Букурешт во првото коло на Купот на шампионите, најдобриот македонски ракометар го чекаше овој момент, односно новиот гламурозен пехар на ЕХФ во неговите раце како награда за освоената Лига на шампиони.

Безброј обиди, рекорди и постигања му претходеа на овој голем настан. Борец, Пелистер, Загреб, Веспрем, Сиудад Реал (Атлетико Мадрид) беа дресовите кои Лазаров ги носеше во две децении врвен европски ракомет.

kire

Играше три финалиња, два пати најдобар стрелец на сезоната, сеуште е најдобар активен стрелец во натпреварувањата на ЕХФ и наскоро ќе ја мине границата од 1000 гола во евро-куповите, како што тоа го направи и со репрезентацијата.

Сега кога е освоен првиот трофеј во Лигата на шампионите, веројатно ќе биде полесно да се нападне и наредниот.