Селекторот на македонската машка ракометна репрезнтација Кире Лазаров изрази задоволство по победата во квалификациите за Европското првенство во 2024-та над Турција со 36:27.
„Искрено не очекував. Сѐ уште не сум на чисто што можам да очекувам од оваа млад и неискусна Македонија. Дефанзивно отворивме добро на чело со Митревски на голот, потпомогнат од нашата одбрана. Во целост сум задоволен и од мечот со Луксембург и денеска од Турција. Честитки за сите играчи и стручниот штаб, и сите луѓе кои помагаат да изградиме нова сериозна репрезентација“, рече Лазаров по дуелот.
Македонија тргна моќно, со цврста одбрана и ефикасен напад. Турците цели 13 минтуи не успеваа да го најдат патот до нашата мрежа, а ние во тој период отворивме со неверојатни 9:0. На крајот се покажа дека токму тоа беа минутите во кои ние го решивме прашањето на победникот.
Во продолжение македонската селекција успешно ја одржуваеше предноста со која и се заминае на полувреме (17:8), иако имаше и „плус 10“, кои беа воедно и највисоката предност во натпреварот.
Во вториот дел Лазаров имаше можност како и против Луксембург да испроба нешто ново. Се што направи Турција е да се доближи до -6 на неколку пати, сепак се забележуваше дека нашите момци го имаат под контрола натпреварот и резултатот.
Талески беше најефикасен кај нас со седум голови, Дејан Манасков постигна пет, а четири додаде Томислав Јагуриновски. Никола Митревски натпреварот го заврши седум одбрани или 50 отсто одбранети удари.