Славниот американски професионален кошаркарски тим Лос Анџелес Лејкерс го отпушти тренерот Дарвин Хем по двете сезони минати на таа позиција.
Под водство на Хем, Лејкерс остварија сооднос од 90-74 победи-порази во лигата и во двете сезони мораа да го одработат патот до плејофот преку турнирот „плеј-ин“. Минатата сезона стигнаа до финалето на Западната конференција каде загубија од идниот шампион Денвер Нагетс со 0-4, додека оваа година повторно налетаа на Нагетс во првата рунда од плејофот, кои овојпат беа подобри со 4-1 во победите.
„Иако се работи за тешка одлука, тоа е и најдобрата постапка по целосната анализа на сезоната. Оваа организација ќе остане целосно посветена на составување тим со калибар да освојува титули“, објави генералниот менаџер на 17-кратните шампиони во НБА лигат, Роб Пелинка.
По поразот на домашен терен во третиот натпревар од овогодинешниот плејоф против Нагетс, по кој Лејкерс заостанаа со 0-3, навивачите на Лејкерс скандираа „отпуштетте го Хем“, а самиот Хем по елиминацијата на почетокот од седмицата изјави: „Последниве две години беа пеколно седење на ова столче. Ви велам, тоа беше пекол“.