Австралискиот тенисер Алекс де Минор го победи во Лондон домашниот миленик Енди Мареј со 5-7, 6-3 и 10-7 во распродадената лондонска „О2 Арена“ и на тој начин го донесе првиот бод за селекцијата на Светот во сударот со селекцијата на Европа на петтото издание на Лејвер купот.
Првите два поединечни дуели ги добија Европејците кои поведоа со 2:0. Вториот тенисер на светот Норвежанецот Каспер Рууд со 6-4, 5-7 и 10-7, беше подобар од Американецот Џек Сок, додека Гркот Стефанос Циципас со 6-2 и 6-1 го победи Аргентинецот Диего Швартцман.
Последниот дуел од првиот ден од петтото издание на Лејвер купот воедно ќе биде и последниот меч во кариерата Роџер Федерер. Во него 41-годишниот Швајцарец со еден од своите најголеми ривали Шпанецот Рафаел Надал ќе се соочат во играта на двојки против Американците Џек Сок и Франческо Тиафо.
За Федерер тоа ќе биде проштален натпревар во кариерата во која освои 20 грен – слем титули.
Покрај Федерер и Надал, Европа на Лејвер купот ќе ја претставуваат и Србинот Новак Ѓоковиќ, Гркот Стефанос Циципас, Британецот Енди Мареј и Норвежанецот Каспер Руд, а Италијанецот Матео Беретини ќе биде замена.
Селектор на репрезентацијата на Светот е поранешната американка ѕвезда на „белиот спорт“ Џон Мекинро, кој ги пријави Канаѓанецот Феликс Оже-Алјасим, Американецот Тејлор Фриц, Аргентинецот Диего Шварцман, Австралиецот Алекс Де Минор, покрај споменатите Американци Џејк Сок и Франческо Тиафо, а резерва е нивниот сонародник Томи Пол.
На Лејвер купот секој ден на распоредот се три поединечни меча и еден дуел во двојки, со тоа што победата во секој меч првиот ден носи еден бод, вториот ден два а третиот ден во игра се три бода. Победник е онаа репрезентација која прва ќе успее да собере 13 бодови.