Лефков: Џафери ја злоупотребува функцијата, интерпелацијата не е закон па да го толкува членот 136 од Деловникот

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја злоупотребува функцијата и со враќањето на интерпелацијата за него поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и Лревица ијзави Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во емисијата „Жешко политичко лето“ на телевизија Канал 5.

–  Џафери во повеќе наврати го повреди и Уставот и Законите, но и процедурите во самото Собрание, и поради тоа е поднесена таа интерпелација. Ако ги погледнете информациите денеска тој ја врати интерпелацијата поради наводно непочитување на членот 136 од Деловникот, односно дека не се содржани сите елементи. Но, членот 136 од Деловникот е поврзан и со членот 135 со кои се предвидени кои составни делови треба да ги има законот како поднесок во Собранието. А, интерпелацијата не е закон и не преставува поднесок од таков вид, така да уште една имаме неделовничко одбивање и злоупотреба на неговата положба – рече Лефков.

Лефков зборуваше и за Резолуцијата и истакна дека овој документ е да се создаде национален консензус за најзначајните прашања кои што постојат во државата и таков вид на резолуции донесуваат и други држави.

– За, жал гледате кај нас меѓународните односи се базираат на целосно приватизирање на преговарањето односно на „решавање“  билатералниот спор помеѓу Македонија и Бугарија. Наместо да се обединиме сите политички партии без разлика на тоа дали се власт, дали се опозиција, или без разлика на некои други идеолошки определби најзначајните национални прашања треба да бидат формулирани во црвени линии, донесени токму во највисокиот Законодавен дом, во Собранието на Република Македонија. Токму Резолуцијата ќе ги зацврсти нашите позиции, и тоа ќе ни даде силна преговарачка позиција со нашиот сосед – нагласи Лефков.

Тој се осврна и на законот за изградба на автопатите.

– Со Законот за изградба на автопатите власта си создава потенцијал за тргување со влијание и самоволие, како и пазарење при имплементација на овие големи проекти – рече Лефков.

Лефков истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не даде поддршка за овој закон и повика истиот да биде повлечен бидејќи исто како и Законот за Клинички покрај тоа што отвора пат за злоупотреби од страна на власта, законот суспендира други закони.

– Законот за изградба на Клинички центар власта предвидуваше суспендирање на други 4 закони. обично гледаме една пракса кај власта кога имаат одредена намера да постапуваат надвор од законите тие се обидуваат да донесат нов закон со кој ќе го озаконат незаконското постапување. Така беше и со Законот за изградба на Клинички центар – рече Лефков.

Тој вели дека власта постојано сака да манипулира со законите и дека тоа може да се види и кај Законот за државјанство кој сакат да го донесат со европско знаменце. А, во однос на Законот за попис, тој додаде дека забелешките дадени за Законот за попис остануваат сите до една.