-Oд скандалот кој вчера се обелодени се гледа како високи полициски функционери создале злосторничко здружување и креирале вибер групи за комуникација во кои договарале и координирале пресметки и тепање на граѓани кои не размислувале како раководството на СДСМ, рече пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција пред полициската станица во Кочани, посочувајќи дека според нивни сознанија не само полицјаци, туку и директори и функционери блиски до СДСМ, формирале злосторничко здружение во овој град.
Лефков, како вовед ги посочи деталите за она што вчера го обелодени ВМРО-ДПМНЕ.
-Во целост се злоупотребувани и полициските овластувања за што е можно поголема саботажа на волјата на граѓаните.
Содржината од една таква група наречена ХХХ беше обелоденета вчера!
Во Прилеп, видовме дека имале координации со насоки од типот „Застанете ги возилата и на принуден технички преглед“!
„Земете му ја колата убијте го, направете нешто” и сл.
Веднаш по обелоденувањето на овој скандал охрабрени граѓани од нашиот град ни пристапија и не информираа дека се жртви на исти или слични закани како оние кои ги видовме во групата координирана за Прилеп.
Граѓани не информираа и се пожалија на притисоци, закани, одземени документи за возила, ни се пожалија на посети во дворови од полицајци за да им предадат записници за наводно сторени прекршоци, а не информираа и за лични шиканирања!
Во текот на вчерашниот ден и лично бев сведок на шиканирање на граѓанин од страна на униформиран полициски службеник кој покрај тоа што го навредуваше граѓанинот повика и интервентна екипа од која побара-цитирам:
„Однесете го во станица како тој од пред некој ден” гласеше заканата!
За ова однесување е поднесен и соодветен поднесок!, истакна Лефков.
Дополнително ќе се утврдува кој се бил член на овие вибер групи и дали и ова однесување е координирано во таква група!
-Имаме сознанија дека во Кочани не само полицајци туку и директори и функционери блиски до Социјалдемократскиот сојуз одработувајќи за оваа партија, формирале злосторничка група за потребите на вториот круг од изборната кампања, а чија цел е следење на членови на ВМРО ДПМНЕ и злоупотрeба на службените овластувања, со цел закани за работни места на вработени, физичко малтретирање и селективно попречување на слободата на движење на луѓе кои не се од Социјалдемократскиот сојуз, вели Лефков и додава:
„Упатувам јавен повик и апел до началникот, до одредени полицајци, директори да не се ставаат во улога на партиски извршители и веднаш да престанат со заканите и притисоците!
Веднаш да престанат притисоците во комуналното јавно претпријатие, да престанат притисоците и заканите во болницата, во училиштата во администрацијата и најважно од се да престанат притисоците и шиканирањата од страна на полицијата“!
Тој го повикува и актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник Николчо Илијев, кој е и потписник на кодексот за фер избори, јавно да ги осуди ваквите закани да се огради од нив и веднаш да ја информира јавноста дека не сака гласови добиени под закана!
-Одговорност ќе има, никој, повторувам никој не смее да ја попречува слободната волја на граѓаните, никој не смее да ја попречува демократската и европска иднина на Македонија, порача Лефков.
Видеото од прес-конференцијата може да ја погледнте ОВДЕ
Извор: Радио Кочани