Летно работно време на паркинзите на Градски паркинг и нови зони во Аеродром и Центар

ЈП „Градски паркинг“-Скопје од утре ќе почне со работа на две нови паркинг зони. Едната зона е зона Б10, лоцирана кај новата зграда на ЈП Водовод и канализација Скопје и Кале. Зоната ќе биде исклучиво за комерцијална употреба и еден час паркирање ќе чини 35 денари. При паркирање, потребно е да се испрати СМС порака на бројот 144 144, со содржина: пр. „Б10 СК1234АА“, односно: зона, празно место, регистарска ознака, информираат од претпријатието.

При напуштање на паркинг зоната, потребно е да се испрати СМС порака со содржина: „С“, со цел стопирање на активната паркинг сесија. Во спротивно, како што соопштуваат од претпријатието, ќе се изврши наплата со автоматското исклучување на паркинг сесисијата на наведената зона.

Напоменуваме дека СМС пораките треба да бидат испишани на латинично писмо и испратени исклучиво од мобилен телефонски број на македонски оператор, се наведува во соопштението од претпријатието.

Другата зона е паркинг зона Д2, лоцирана кај Три Бисери- Аеродром. Зона Д2 ќе биде за комерцијална употреба: час паркирање, со цена од 25 денари од час. Ќе се издаваат и дозволи за паркирање за вработени, правни и физички лица, како и за станари. Сите наведени категории на корисници за да се стекнат со право на паркирање, потребно е да достават комплетна документација во канцелариите на Кол Центар Аеродром- позади ТЦ Бисер во период од 1-ви до 30 јуни.

Од претпријатието известуваат дека од утре започнува летно сметање на работното време на јавните површини со кои стопанисува „Градски паркинг“. Работното време во зоните А, Б, Ц и Д ќе биде од понеделник до сабота од 07:00 до 23:00 часот.