Фудбалерите на Барселона дојдоа до првата победа во новата сезона, а големото засилување Робер Левандовски ги постигна првите два погодока за новиот клуб во гостинската победа од 4:1 кај незгодниот Реал Сосиедад во последниот неделен натпревар од второто коло на шпанското првенство.
Полскиот напаѓач првиот погодок го постигна веќе во првата минута на асистенција на Балде. Но Барселона само пет минути го задржа водството, откако шведскиот напаѓач Алескандер Исак прими топка во казнетиот простор изби сам пред Марк-Андре Тер Штеген и со помош на Ерик Гарсија кој се обиде да брани го префрли гостинскиот голман.
Потоа домашните се закануваа посериозно од гостите, имаа и неколку шанси но брилјираше Тер Штеген, а кога Реал постигна гол во 53 минута, беше поништен по интервенција на ВАР-от.
Потоа следеше експлозија на Барса, предводена од Ансу Фати кој влеза во вториот дел и Левандовски. Фати прво во 66 минута додаде кон Усман Дембеле кој со левата нога од левата страна на шеснаесетникот го погоди спротивниот агол за водство на гостите. Само две минути подоцна одличната акција на Каталонците ја заврши Левандовски, а повторно му асистираше Фати. Во 79 минута ги заменија улогите, Левандовски со петица успеа некако да ја протурка топката до Фати кој рутинирано ги постави конечните 4:1.
Претходно во неделата Вилјареал со 2:0 го совлада Атлетико на гостувањето во Мадрид и се придружи на групата тимови кои по првите две кола имаат по две победи. Стрелци беа Јереми Пино во 73 и Жерард Морено во седмата минута од судиското продолжение на дуелот.
Голема заслуга за првата победа на Унаи Емери против Диего Симеоне имаше и голманот на гостите Херонимо Руљи, кој имаше неколку одлични реакции во првото, а особено во второто полувреме. Фрустрацијата и нервозата на домашните кулминираше во судиското продолжение кога Аргентинецот Нахуел Молина од грб удираше противнички играч, за што беше исклучен.
По непотполното второ коло Вилјареал се проби на врвот на табелата водејќи ја групата тимови со по шест бодови, во која се Реал Мадрид, Берис и Осасуна. Барселона е петта и ја води групата екипи со по четири бодови, во која се и Рајо Валјекано и Атлетик Билбао.
Атлетик во првиот домашен настап во новата сезона дојде до првата победа, а на својот „Сан Мамеш“ со 1:0 ја совлада Валенсија. Победничкиот погодок го постигна Алехандро Беренгуер. Иако имаа значително поголем посед на топката, играчите на Валенсија не успеаја ниеднаш да упатат сериозен удар кон домашниот гол.
Второто коло на Примера ќе биде затворени во понеделникот со дуелите Елче – Алмерија и Жирона – Хетафе.