Левица одлучи: Ја поддржуваме Силјановска

Президиумот на Левица, на синоќешната вонредна седница, одлучи да ја поддржи професорката Гордана Силјановска Давкова како кандидат за претседател на државата.

Силјановска ја сметаме за атипичен претседателски кандидат. И покрај нашите несогласувања по одредени прашања, знаеме дека таа е изградена личност со неспорен кредибилитет, која што ефикасно ќе се спротивстави на политиката на коалиционата двојка СДСМ-ДУИ, личност која ќе се води по принципите на правото, правдата и етиката и нема да дозволи компромитација на својот интегритет, велат од Левица.

Од таму додаваат дека нивната поддршка за Силјановска да стане првата жена претседател на Републиката е строго персонална, а никако про-вмровска.

Дотолку повеќе што, велат од таму, повмровски кандидат во случајов е токму Стево Пендаровски кој беше портпарол во првата вмровска влада на Љубчо Георгиевски, а потоа и советник во кабинетот на Борис Трајковски.

Нашата соработка со професорката датира уште од времето на Професорскиот пленум, па оттука оваа наша поддршка ја сметаме за принципиелна и критична. Секој гласач на проф. Силјановска мора да ја држи за збор, будно да го следи секој нејзин чекор и да ѝ помогне да не потпадне под влијанието на големите партии СДСМ – ДУИ – ВМРО-ДПМНЕ. Нам сега ни треба реализирана и принципиелна личност за претседател, која нема да биде обична марионета, туку мудро ќе ги користи своите уставни овластувања со цел да не дозволи тотална власт на само една партија, велат од Левица.

Од партијата велат дека колку и да се чини оправдан гневот против корумпирани елити, сепак на овие избори – каде бираме личност, а не партија – бојкотирањето ќе биде само во корист на властодршците и ќе овозможи актуелниот собраниски спикер да биде ВД претседател.