Денес, Политичката партија Левица и нејзините пратеници во Собранието на Република Македонија (Димитар Апасиев и Борислав Крмов) поднесоа пријава до Државниот санитарен и здравствен инспекторат – со известување за прекршување на мерката строга изолација (карантин), како и КРИВИЧНА ПРИЈАВА до Основното јавно обвинителство – Скопје против пратениците Бисера Костадинова-Стојчевска од Битола и Мирослав Богдановски од Скопје, како и против претседателот на Собранието – Талат Џафери.
„Тројцата се теретат дека, со умисла и по претходна меѓусебна координација, сториле кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ (казниво по чл. 206 од Кривичниот законик), како и обид за „Пренесување на заразна болест“ (чл. 205 од КЗ) врз останатите пратеници, со елементи на тешки дела против здравјето на луѓето.
Дополнително, со таквото свое дејствие, предизвикале став и несигурност кај пратениците и кај јавноста, но воедно го довеле во прашање животот и здравјето на народните избраници и на нивните семејства, а со тоа и нормалното функционирање на институцијата Собрание на РМ – како централен државен орган и единствен уставен носител на законодавната власт во Републиката. Сето ова го договарал и знаел и собранискиот спикер – третопријавениот Џафери, но истиот не само што не сторил ништо за да го спречи, како најповикано одговорно службено лице со дадени овластувања со Законот за Собранието на РМ и со Деловникот на Собранието на РМ, туку истиот и го организирал овој опасен биохазарден експеримент, кој може да го парализира нормалното работење на законодавниот дом во целина!
Очекуваме од ОЈО Скопје да постапи во поднесената пријава во најбрз можен рок, како и во другите случаи на прекршување на мерката домашен карантин на лица позитивни на коронавирусот, со што би ставил до знаење дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите“, се наведува во поднесокот кој Левица го објави за јавноста.