Две вести ја разбрануваа јавноста во Македонија денеска – првата е оставката на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, а втората е апсењето на Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски – Кичеец за медиумски рекет на бизнисмен кој изнесувал 1.5 милиони евра.
Економски Лидер од извори во истрагата дознава дека оставката на Јанева е поврзана токму со апсењето на Јовановски и Милевски, затоа што, двајцата изнудувале пари од познат бизнисмен, за да стопираат истражна постапка на Специјалното јавно обвинителство. Неофицијално, од непотврдени извори, дознаваме дека се работи за случајот Империја.
Имено, како што дознаваме, се наведуваво текстот „Lider.com.mk“, контроверзниот Боки 13 изнудувал пари благодарение на неговата бизнис поврзаност со Катица Јанева, чиј син, Лазар Јанев, е вработен во раководните структури на 1 ТВ како директор на маркетинг.
Оваа поврзаност на Боки 13 со Катица Јанева е основата на рекетот, а како што дознава Лидер од извори во истрагата, Јанева исто така била вмешана во рекетот и се истражува текот на парите за да се види дали и во нејзиното семејство завршиле дел од изнудените пари. Во наредните денови се очекува таа да биде повикана на распит.
Освен тоа што нејзиниот син е вработен во телевизијата на Јовановски, Јанева со сега приведениот е во блиски пријателски односи веќе неколку години.
Како што дознаваме, токму затоа, денеска Јанева си поднесе оставка, со образложение дека тоа го прави за политичките партии да немаат проблем во преговорите за продолжување на мандатот на СЈО.
Инаку, за да му завршат работа на бизнисменот кој важи за еден од најбогатите во Македонија, Јовановски и Милевски му барале 8 милиони евра за ослободителна пресуда или 5 милиони евра за намалување на казната. Договориле парите да ги добиваат на рати, а тие пред да бидат уапсени успеале да наплатат 1.5 милиони евра.
Обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска, соопшти првоосомничениот го искористил своето влијание кај јавен обвинител и зел 1,5 милиони евра од лице под истрага за да му ја олесни положбата. Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок. При овие средби, кажа Рускоска, биле побарани 8 милиони евра од сведокот за да се запре кривичната постапка против него, но откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите.
Шефицата на специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, поднела оставка токму поради ова што е дел од случајот и знаела што ќе се случува и дека можно и нејзино приведување. Во нејзината официјална оставка, таа објави дека нејзината оставка ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник.
„Во моментот кога со консензус на сите политички партии бев избрана за специјален јавен обвинител, себеси и на граѓаните на Република Северна Македонија ветив дека функцијата Специјален јавен обвинител ќе ја извршувам во интерес на владеењето на правото и борбата против криминалот и коруцпијата во Република Северна Македонија. Се нафатив на функцијата во исклучително тешки околности и целосно свесна за задачата која ми е дадена. Чест ми беше да и служам на државата и да бидам на чело на исклучително професионален обвинителски тим, истражителски тим и тим на вработени кои безрезревно и посветено ги извршуваат своите работни задачи“, вели Јанева.
Додава дека со месеци ги следи медиумските прилози за преговорите меѓу работните групи на политичките партиите за иднината на Специјалното јавно обвинителство и дека нема да дозволи да биде искористена за нечие алиби.
„Еве, денес ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и Европските интеграции на мојата земја“, вели Јанева.