Лидерот на Боко Харем е мртов, потврдија ривалските нигериски џихадисти

Лидерот на нигериското џихадистичко движење Боко Харам, Абубакар Шекау се убил во текот на судирот со ривалската џихадистичка група Исламска држава во западна Африка (ISWAP), се наведува во аудио снимка објавена две седмици по првите информации за неговото загинување.

„Шекау попрво избра понижување на оној свет отколку на земјата. Се уби активирајќи експлозив“, рекол на канури јазикот глас кој е сличен на водачот на ISWAP, Абу Муса ал-Барнави на снимката која на агенцијата AFP ѝ ја испратил извор кој инаку ги пренесувал пораките на оваа група.

Боко Харам досега не се огласи за смртта на својот водач, а нигериската војска објави дека води истрага. Во 2013 година САД за ликвидација на Шекау или информации кои ќе доведат до неговото заробување понуди награда од 7 милиони долари.

ISWAP во својата снимка опишува како нејзините борци испратени во енклавата која ја контролира Боко Харам во шумата Самбиси, го пронашле Шекау во неговата куќа и започнале борба.

„Ја напушти борбата и избега, пет дена талкаше низ грмушките. Сепак, борците продолжија да го бараат сѐ додека не го лоцираа“, рекол гласот на снимката. Додал дека борците на ISWAP него и негивите приврзаници ги повикале да се предадат, но Шекау одбил и се убил.

Тоа се совпаѓа со информациите кои пред три седмици ги објавија извори од нигериското разузнавање за весникот Daily Nigerian.

„Пресреќни сме“, истакнал гласот на снимката, додавајќи дека Шекау е „виновен за тероризам и за злосторства кои не се опишуваат“.

Групацијата ISWAP, која ѝ изрази лојалност на Исламската држава, настана со отцепување од Боко Харам во 2015 година. Зајакнувајќи, стана најголемата џихадистичка групација во североисточна Нигерија.

Инаку претходно на 21-ви мај нигериската влада објави дека разговорите на џихадистите во Нигерија кои во изминатите три дена ги пресретнувало разузнавањето укажувале дека Абубакар Шекау загинал на 19-ти мај во борбите на североистокот од земјата со милитантите од ривалската ISWAP. Тогаш, нигериското разузнавање објави дека има извештани од очевидци на случувањата.

Претходно агенцијата AFP објави околу 10-ти мај дека Шекау бил тешко ранет, но нигериското разузнавање заклучило дека тој е мртов. Претходните години нигериските власти четири пати објавуваа за загинувањето на Шекау, но тој секогаш потоа се појавуваше негирајќи ги таквите инфорамции.

Абубакар Шекау беше еден од основачите на Боко Харам, движењето кое на хауса јазикот се преведува како „западното учење е забрането“. По издвојувањето на борците кои пристапија на ISWAP, Шекау ја поведе групацијата ЈАS (Џамаат Ахлууна Лид-Дава вал-Џихад), но продолжи да го користи историското име Боко Харам.

Исламистичката терористичка група Боко Харам, кои некои ја сметаат и за секта, се појави првпат во 2002 година, во северната нигериска сојузна држава Борно, каде што сакаше да формира свој калифат, а подоцна објави дека сака да ја заземе цела Нигерија чие 200-милионско население речиси по половина е поделено на муслимани и христијани. Од 2009 година Боко Харам започна со терористички напади, како и напади врз безбедносните сили и големи градови.

Во 2015 година нигериската армија му нанесе низа големи порази на Боко Харам и значително ја намали територијата под негова контрола. Како одговор, милитантите започнаа да ги вопоставуваат своите бази и да дејствуваат во соседните држави во областа на езерото Чад.

Според Обединетите нации, само во последните десет години во акциите на Боко Харам загинале повеќе до 35.000 луѓе само во Нигерија.