Лига на шампионите: Во Мадрид шлагот на колото

Првата рунда од дуелите во осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите завршува во средата со средбите меѓу Реал Мадрид и Манчестер Сити, и Лион и Јувентус.

Соочувањето меѓу мадридските „Кралеви“ и манчестерските „Граѓани“ секако е еден од најпривлечните во осминафиналето на најелитното континентално натпреварување, или како што го нарекоа медиумите судир „old money vs new money“. Односно пресметка меѓу најтрофејниот европски клуб, од една страна, и можеби најбогатиот клуб на денешницата кој сѐ уште ја чека потврдата за својот квалитет, од друга страна.

Досега Реал и Сити меѓусебно играа четири пати, а тимот од Манчестер не ја вкуси сласта на победата. Пред три години Реал беше поуспешен во полуфиналето на Лигата на шампионите, победувајќи во двата меча со вкупен резултат од 1:0. Дуелот на „Итихед“ заврши без голови, а Реал на својот „Сантијаго Бернабеу“ славеше со 1:0. „Кралскиот клуб“ беше подобар и во 2012 година во фазата по групи, остварувајќи победа од 3:2 и реми од 1:1.

Зинедин Зидан го пречекува Пеп Гвардиола со една мини криза во играта на своите избраници. Реал во последните два меча е без победа, и со само една победа во последните четири натпревари. Сити, пак, врза две победи по двата последователни пораза. Меѓутоа, „Граѓаните“ се сериозно вознемирени од одлуката на УЕФА следните две сезони да бидат исклучени од Лигата на шампионите. Голема врева подигна и самиот Гвардиола со изјавата дека ќе добие отказ доколку не го мине Реал.

„Сити го освои првото место во групата, а во осминафиналето го доби Реал. Се надевав на некој полесен ривал. Искрено, загрижен сум, Реал ќе биде голем предизвик, вистински тест за оваа екипа. Доколку го минат Реал, тогаш можат до крајот“, изјави Јаја Туре, легендарниот играч од Брегот на слоновата коска кој осум сезони играше за Сити, а беше во тимот во последниот меѓусебен дуел.

Реал во пресрет на натпреварот доби тежок удар откако се повреди Еден Азар, а на теренот нема да се појави ниту Асенсио. Кај Сити неизвесни се настапите на Сане и Стерлинг.

Во вториот дуел на вечерта, Лион ќе бара сензација против италијанскиот првак Јувентус. Иако торинската „Стара дама“ сезонава е далеку од очекуваните игри, француските „Лавови“ тешко ќе може да ја минат оваа пречка. Досега играаа четири пати, Јувентус има три победи, а еден дуел заврши без победник.

„Јувентус е фаворит, но тешко е да се очекува дека Лион ќе се предаде без борба. Лион има прекрасни навивачи и многу талентирани млади играчи кои ќе сакаат да се докажат“, изјави Леонардо Бонучи, стоперот на тимот од Торино.

Стратегот на Лион, Руди Гарсија, добро го познава противникот од Серија А, бидејќи три години ја водеше Рома.

„Гарсија одлично го познава италијанскиот фудбал. Знае како да им пристапи на одредени мечеви и сигурно има искуство како да ѝ се спротистави на нашата екипа. Лигата на шампионите е посебна, мораме да бидеме претпазливи“, додаде Бонучи.

Французите разбирливо најмногу стравуваат од Кристијано Роналдо, кој минатиот викенд го одигра 1.000-от натпревар во кариерата. Притоа постигна 725 голови, и впиша 251 асистенција.

„Кога играш против Барселона или Јувентус опасноста доаѓа од сите страни. Сите очи ќе бидат вперени во Роналдо, но Јуве има уште врвни играчи“, изјави голманот на Лион, Антони Лопез.

Во редовите на францускиот тим нема да бидат повредените Рене-Аделед, Депаи и Коне, а проблематичен е и настапот на Рафаел. Италијанците во Лион допатуваа без Даглас Коста, а неизвесен е и Сами Кедира.