Во дербито од 22-то коло на фудбалското првенство на Франција во неделата Олимпик Лион со 2:1 го совлада водечкиот тим Пари Сен Жермен, нанесувајќи му го само вториот првенствен пораз сезонава.
ПСЖ во Лион допатува без повредениот Нејмар кој има проблеми со бутниот мускул, а во 36 минута поради непријатен удар во главата теренот го напушти и Килијан М’бапе. Младиот напаѓач за половина час игра двапати настрада, прво во судирот со главите со противникот, а потоа на негов во налет скокна голманот на Лион, по што мораше да биде изнесен од теренот.
Без своите двајца одлучни напаѓачи и со играч помалку од 57 минута, кога беше исклучен Дани Алвеш, ПСЖ сепак не издржа и по неочекуваниот пораз од Стразбур со 1:2 претходно сезонава, со идентичен резултат загуби и од Лион.
Домаќините поведоа уште во 2 минута, со фантастичниот погодок на Набил Кекир од слободен удар од повеќе од 25 метри. Атрактивен беше и израмнувачкиот гол на Лајвин Курзава во последните минути од првото полувреме. Дани Алвеш нафрли од десната страна а Курзава со волеј заби под пречката. Решавачкиот гол го постигна во судиското продолжение Мемфис Депеи со одличен удар од повеќе од 20 метри.
Во претходно одиграниот дуел Монако на свој терен го совлада Мец со 3:1. Монако стекна предност пред крајот на првото полувреме со голот на Жорге, а во 50 минута се случи можеби и клучниот момент на мечот, кога поради фаул надвор од казнениот простор беше исклучен гостинскиот голман Еиџи Квашима. Монако во 67 минута ја искористи предноста од играч повеќе со голот на Рашид Гезал ја зголеми предноста на 2:0. Малку надеж гостите добија во 72 минута кога погоди Ниане, но сите дилеми беа решени во 81 минута кога конечните 3:1 ги постави Рони Лопез.
Во неделата, исто така, Ница со 1:0 го совлада Сен Етјен.
А табелата ПСЖ има 56 одови, Лион се проби на втората позиција со 48 бодов, а Марсеј е трет со 47 бодови, а следи Монако со 46 бодови.