![Google-Maps-from-Kaliningrad-768x361](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/09/Google-Maps-from-Kaliningrad-768x361.png?resize=696%2C327&ssl=1)
Литванија во понеделникот ја прошири трговската блокада на руската балтичка енклава Калининград преку нејзината територија, повикувајќи се на антируските санкции во Европската унија, иако во Брисел имаат поинакво размислување за потегот на Вилнус кој може да предизвика ескалација на тензиите со Москва.
На листата забранети стоки за транзит преку литванската територија од понеделникот се ставени и цементот, дрвото, алкохоли и индустриски хемикалии базирани на алкохол, соопштија од царинската служба на Литванија.
Русија во петокот ги предупреди Литванија и ЕУ дека жестоко ќе одговори доколку за неколку дена не биде обновен транзитот на стоки и продукти од и кон Калининград со Русија. Во Москва во понеделникот во тек се консултации за преземање одговор на последните дејствија на Вилнус и одбивањето да ја врати ситуацијата во претходната состојба.
Трговската блокада, како што се толкува во Вилнус, е заострена бидејќи владите во ЕУ, пазарите и компаниите се загрижени дека Русија може да не го отвори повторно најголемиот гасовод преку кој рускиот гас преку Германија се испорачува во Европа, и по истекувањето на одамна најавеното десетдневно редовно годишно техничко одржување на цевководите.
Меѓутоа, предупредуваат аналитичарите, при таква опција последиците по европските земји би биле далеку поголеми отколку за Калининград, бидејќи Русија снабдувањето на енклавата може сепак да го изведе преку поскапиот и подолг пат по море, иако во ЕУ тврдат дека е оневозможен и товарниот бродски сообраќај од матичната Русија.
Калинградската област, која граничи со Литванија и Полска, членки на ЕУ и НАТО, е значително зависна од патниот и железничкиот транспорт на стоки преку територијата на Литванија, а е отсечена од матичната Русија од 17-ти јуни по одлуката на Вилнус наводно да ги применува санкциите на Брисел. Притоа стоките кои се во категоријата хуманитарни и од витална важност, како што е храната, се изземени од санкциите на ЕУ.
Европските функционери, по иницијатива на Германија, од крајот на јуни настојуваат да постигнат компромис по прашањето на Калининград, но според извори на Reuters, Литванија изразувала „сериозни резерви“ кон секое решение коешто би можело да се „протолкува како попуштање“ на Русија.
„Мораме да се соочиме со реалноста, (рускиот претседател Владимир) Путин има поголема предност од нас. Во наш интерес е да се изнајде компромис“, изјави на 30-ти јуни за Reuters извор од ЕУ кој барала да остане анонимен, додавајќи дека Калининград е „светост“ за Москва и дека исходот од договорот веројатно ќе изгледа нечесен.
Едно од решенијата коешто се споменуваше, беше идентично со тврдењето на Москва, дека транспортот и сообраќајот меѓу Русија и Калининград не се смета за меѓународна трговија, бидејќи станува збор за руска територија, како и дека врз основа на тоа и на меѓународните прописи тоа треба да биде изземено од санкциите. Тогаш, како што впрочем и се случува повеќе години, тие стоки не би смеело да се извезуваат, туку исклучиво да се користат во енклавата.
Под моменталните санкции на ЕУ е забранет увозот и транспортот од Русија на железо, челик и метали до Калининград низ земјите членки, а на тоа од понеделникот се додаваат и цементот и алкохолите, Јагленот ќе биде забранет во август а нафтата и нафтените деривати во декември, затоа што во Европа имаат потреба од нив. Оттаму на крајот половината од товарите за Калининград ќе бидат на листата на санкции.