
Брзоногиот напаѓач потпиша договор со Ливерпул и од следната сезона ќе настапува на „Енфилд Роуд“. Со овој трансфер „црвените“ конечно ги решија проблемите во нападот, бидејќи Даниел Стариџ повеќе време поминува во рехабилитација отколку на теренот, Марио Балотели е тотално надвор од форма, а Рики Ламберт не е квалитет со кој Ливерпул може да се надева на највисок пласман.

Раководството на клубот за Бентеке „искешира“ 47 милиони евра, со што го сруши рекордот за најскап трансфер на белгиски фудбалер. Претходниот рекорд го држеше Аксел Витсел, кога за 40 милиони евра од Бенфика премина во Зенит.

Бентеке во Астон Вила пристигна во 2012-та година за 10 милиони евра од Генк, а има постигнато 49 голови на 101 натпревар за тимот од „Вила Парк“.
Тој има 24 години, а на новиот тим ќе му се приклучи по враќањето на експедицијата од Австралија. Ливерпул пред Бентеке ги ангажираше Натениел Клајн, Роберт Фирмино, Џејмс Милнер и Дани Ингс.