Фудбалерите на Ливерпул го совладаа Арсенал во дербито од третото коло на англиската Премиер лига со 3:1.
Ливерпул напаѓаше од првата минута на Енфилд, но промашувањата на Ван Дијк, Мане и Александер-Арнолд во првите 25 минути беа казнети во првиот сериозен напад на Арсенал.
„Топчиите“ дојдоа до погодок благодарение на катастрофалната реакција на Ендру Робертсон кој му ја подаде топката на Французинот подобро отколку кој било негов соиграч и „деветката“ на Арсенал рутински погоди за 1:0.
Но, радоста на гостите траеше само три минути. Веќе во 28. минута Мохамед Салах пројде по десната страна и шутираше, Бернд Лено ја одби топката право кај Мане на нога, а овој без проблем ја испрати во празниот гол за 1:1.
Овој погодок ги шокираше гостите, а Лено по само шест минути по вторпат ја ловеше топката во својата мрежа.
Александер-Арнолд ја нафрли топката од десна страна, Робертсон се „шмугна“ зад одбраната на Арсенал и се искупи за промашувањето на старт, матирајќи го Лено за 2:1.
Во продолжение гледавме отворен натпревар, а најдобрата шанса на мечот ја пропушти Лаказет.
Французинот во 63. минута излезе сам на голманот Алисон Бекер, можеше да одбере што ќе направи, а ја одбра најлошата можна варијанта и шутираше право во голманот на Ливерпул.
До крајот на средбата Ливерпул успеа да ја исконтролира играта и веќе не им дозволија на гостите да им се заканат. Во 88. минута го поставија конечниот резултат 3:1 со голот на Диого Јота кој влезе во игра само осум минути претходно.
Ливерпул го запиша третиот триумф на исто толку натпревари во новата сезона на Премиер лигата, а Арсенал го забележа првиот пораз сезонава.
https://www.youtube.com/watch?time_continue=7&v=Fov2o40cNHY&feature=emb_logo