Досегашната британска министерка за надворешни работи Лиз Трас ќе биде новата премиерка на Обединетото Кралство кој ќе седне во вжештената фотелја на нејзиниот претходник Борис Џонсон, додека земјата се справува со сѐ поголемата криза на вртоглав раст на животните трошоци, соопшти во понеделникот владејачката Конзервативна партија.
Членовите на Конзервативната партија ја донесоа конечната одлука по гласањето, решавајќи се за Лиз Трас на којашто ривал ѝ беше поранешниот министер за финансии Риши Сунак, чијашто оставка го започна падот на Борис Џонсон, кој долго одбиваше да отстапи од премиерската функција.
Лиз Трас, така, станува третата британски премиерка, по Тереза Меј и Маргарет Тачер, исто така конзервативки.
Оваа 47-годишна жена која политичката кариера ја започна на левицата, постојано имаше водство пред 42-годишниот Сунак, во анкетите меѓу проценетите 200.000 ториевци со право на глас,
Трката за водство на Конзервативната партија и следствено за позицијата британски премиер започна во јули, откако Џонсон по масовните оставки во неговиот кабинет по низата скандали и афери, се согласи да отстапи од должноста. Гласањето по пошта и преку интернет заврши во петокот по осумте седмици коишто во изјава за BBC Трас ја опиша како „најдолгиот разговор за работа во историјата“.
Велика Британија е погодена од најлошата криза со трошоците за живот со години наназад, со двоцифрен раст на инфлацијата и скок на цените на енергијата за што вината се бара во војната во Украина. Според анкетите, милиони Британци велат дека со сметките коишто ќе пораснат за 80 отсто од октомври и уште повеќе од јануари, ќе бидат соочени со болниот избор меѓу прехранувањето и затоплувањето оваа зима.
„Доколку бидам избрана за премер, веднаш ќе дејствувам во врска со сметките и снабдувањето со енергија. Во рок од една седмица ќе се погрижам да биде објавено како ќе се справуваме со тоа прашање“, изјави во неделата Трас за BBC одбивајќи да даде поединости.
Трас ја водеше кампањата на ветувањата дека ќе ги намали даноците и ќе му даде предност на економскиот раст, токму во моментот кога се предвидува дека Велика Британија ќе потоне во рецесија подоцна годинава. Во неделата рече дека „за еден месец ќе го претстави целосниот план за тоа како ќе ги намалиме даноците“ и „ќе ја придвижиме британската економија“.
Трас стана министерска за надворешни работи пред една година, откако извршуваше низа високи должности во министерствата за образование, меѓународна трговија и правосудство.
Објавувањето на Конзервативната на партија во понеделникот за тоа кој ќе го преземе водството на партијата и на владата покренува верига од настани. Во вторник Џонсон ќе го одржи прошталниот говор во владиното седиште во Даунинг стрит. Потоа официјално ќе ѝ ја поднесе оставката на кралицата Елизабета Втора, по што таа ќе ја повика неговата наследничка Трас да ја формира новата влада.
Првпат во своето долго владеење, 96-годишната кралица, ќе ги именува премиерот во својата шкотска резиденција Балморал, наместо во Бакингемскиот дворец во Лондон. Тоа ќе се случи поради тоа што кралицата има проблеми со движењето и беше принудена да откаже многу јавни настапи. Следниот премиер ќе биде 15-от откако кралицата го презема престолот.