Лондон му порача на Берлин дека разликите во преговорите со ЕУ мора брзо да се надминат

Британскиот премиер Борис Џонсон ѝ рекол во неделата на германската канцеларка Ангела Меркел дека следните денови мора да биде постигнат напредок во трговските преговори меѓу Обединетото Кралство и Европската унија и да се премостат „значителните разлики“, објави Даунинг стрит.

Џонсон го повторил своето убедување дека „постигнувањето на договорот следните денови би било полезно за двете страни“, но дека Обединетото Кралство „исто така е подготвено на завршување на преодниот период на австралиски начин“.

Имено, Австралија и Европската унија немаат потпишан сеопфатен трговски договор, туку трговијата меѓу двете страни се одвива главно според правилата на Светската трговска организација (СТО – WTO).

Претходно во саботата истата порака Џонсон му ја испратил и на францускиот претседател Емануел Макрон.

„Премиерот истакна дека следните денови треба да се премостат значителните разлики, особено во областа на рибарството и рамноправниот пристап на пазарите преку интезивни преговори на главните преговарачи“, соопшти кабинетот на Џонсон.

Преговарачот на ЕУ, Мишел Барние, и британскиот преговарач, Дејвид Фрост, изјавија дека полека се приближуваат до договорот во пресрет на рокот на 15-ти октомври, иако истакнаа дека сѐ уште постојат несогласувања во важните области.