Лондон со научни постапки ќе ја утврдува возраста на барателите на азил

Велика Британија ќе настојува да ги спречи возрасните кои се претставуваат како деца кога бараат азил, со составување нови научни процени кои ќе помогнат во одредувањето на подносителот на барањето, објави во средата тамошната влада.

Утврдено е дека возрасните се претставуваат како деца во две третини од барањата за азил оспорени врз основа на возраста, соопшти владата наведувајќи го податокот за 1.696 случаи во годината до септември 2021 година.

„Практиката возрасните мажи, кои се претставуваат како деца коишто бараат азил, е ужасна злоупотреба на нашиот систем на којашто ќе ѝ ставиме крај“, наведува министерката за внатрешна работа Прити Пател во писмената изјава за јавноста.

Новата комисија ќе разгледа низа научни методи за одредување на возраста и ќе ја проценува нивната точност и веродостојност, а ќе ги разгледува и медицинските и етичките прашања.

Владата соопшти дека новите проверки ќе ги усогласи со другите европски држави кои користат рентгенски и други медицински наоди за да се помогне во процената на возраста на лицето кое бара азил.