Дури 28 голови беа постигнати на отворањето на годинешната сезона во фудбалската Лига на шампионите во вторникот вечерта, а во дербито на 1-то коло на „Камп Ноу“ Барселона со уверливи 3:0 го совлада Јувентус.
Торинската „Старата дама“ минатата сезона ја елиминираше „Блауграна“ во четвртфиналето, додека Барселона пред две години беше подобра во финалето со 3:1. Овојпат Каталонците се одмаздија со супериорни три голови без нивната мрежа да биде затресена.
Лионел Меси ја доведе Барселона во водство во последните моменти од првото полувреме. На2:0 зголеми Иван Ракитиќ во 56 минута, откако Сторари лошо реагираше на мајсторијата на Меси во шеснаесетникот на гостите па топката дојде до хрватскиот интернационалец. Во 69 минута Меси го постигна третиот гол со убав удар од работ на казнениот простор.
Во вториот меч од оваа Група Д, лисабонски Спортинг во Пиреја го совлада Олимпијакос со 3:2. Гостите веќе по првото полувреме водеа со 3:0 со головите на Думбие во 2-та, Гелсон Мартинс во 13-та и Бруно Фернандез во 43 минута. Фелипе Пардо намали во 89 минута, а со вториот свој гол една минута подоцна донесе малку надеж за грчкиот претставник, но сепак немаше време.
Во натпревар од Групата Ц Челзи рутински стаса до бодовите против дебитантот во Лигата на шампионите Карабаг, остварувајќи уверлива победа од 6:0. Стрелци беа Педро Родригез во 4, Давиде Запакоста во 30, Аспиликуета во 5, Бакајоко во 71 и Матшуаји во 76 и 82 минута.
Во мечот меѓу Рома и Атлетико Мадрид немаше голови, а „волчицата“ не успеа ниту во третиот натпревар да ги совлада „јорганџиите“ . Рома ја продолжи неславната серија со седмиот последователен меч во Лигата на шампионите без победа.
Во Групата А Манчестер Јунајтед го совлада Базел со 3:0. Мрежата на швајцарскиот тим ја начна Маруан Фелаини во 35 минута кој влезе во игра 15-ина минути претходно наместо повредениот Пол Погба. Ромел Лукаку зголеми на 2:0 во 3 минута, а третиот гол за „црвените ѓаволи“ го постигна Рашфорд во 64 минута.
Московска ЦСКА во Лисабон ја изненади Бенфика победувајќи со 2:1 иако Португалците поведоа. Домаќинот поведе во 50 минута со голот на Харис Сеферовиќ, но ЦСКА направи пресврт со головите на Витињо во 63 минута од пенал и Замалетдинов во 71 минута.
Во оваа група Б, Пари Сен Жермен без многу напор мина на гостувањето во Глазгов победувајќи го Селтик со 5:0. Шкотите ги уништи триото Нејмар – М’бапе – Кавани. Бразилецот беше првиот стрелец во 19 минута, младиот Французин зголеми на 2:0 во 34 минута, а Кавани од пенал погоди за 3:0. Следниот гол за ПСЖ го постигна Лустиг во 83 минута погодувајќи ја сопствената мрежа, а две минути подоцна Кавани го постигна и петтиот гол.
Баерн во Минхен го победи Андерлехт со 3:0. Мечот се чини беше решен веќе во 12 минута кога гостите останаа со играч помалку, а Роберт Левандовски беше прецизен од пенал. Прекршокот го направи Свен Кумс кој доби црвен картон. Андерлехт до крајот на првото полувреме успешно се бранеше, но во второто Тиаго Алкантара во 65 и Кимич во 90 минута го поставија конечниот резултат.
Во среда на распоред се мечевите од 1-то коло во групите од Е до Х. Во Групата Е се среќаваат Ливерпул – Севиља и Марибор – Спартак Москва, во Групата Ф играат Фејенорд – Манчестер Сити и Шахтјор – Наполи. Во Групата Г ќе се судрат РБ Лајпциг – Монако и Порто – Бешикташ, а во Групата Х ќе се сретнат Реал Мадрид – АПОЕЛ и Тотенхем – Борусија Дортмунд.