ЛШ: Кикс на Наполи, Реал Сосиедад блиску до осминафиналето

Фудбалерите на Наполи не ја потврдија улогата на фаворити и одиграа само 1:1 против Унион Берлин пред своите гледачи во четвртото коло од групата Ц во Лигата на шампионите.

Наполи со победа можеше да се доближи до осминафиналето, а вака му претстојат уште два неизвесни натпревара на можниот пат до таа цел. Унион Берлин конечно избегна пораз откако загуби дури 12 натпревари по ред, заедно во Бундеслигата, Германскиот куп и Лигата на шампионите.

Наполи целосно доминираше во првото полувреме кое заврши со минимално водство од 1:0. Гостинската мрежа првпат беше затресена по половина час игра кога Замбо Ангвис од непосредна близина погоди со глава. Сепак, голот беше поништен поради претходен фаул во напад на Ди Лоренцо.

Гостите ги спасуваше рамката од голот, а на крајот Унион Берлин несреќно прими гол во 39. минута. Стрелец за 1:0 беше Политано, чија топка се одби во мрежата. Единствената вистинска шанса гостите ја имаа во судиското надополнување на првото полувреме, кога хрватскиот репрезентативец Јосип Јурановиќ од слободен удар од околу 20 метри ја погоди стативата.

Во продолжение Наполи продолжи да доминира, но гостите од Берлин станаа многу опасни во контранапади и реализираа една таква шанса. Во 52. минута погоди Фофан за 1:1. До крајот Наполи се обидуваше да дојде до вториот гол и да ги комплетира трите бода, но не успеа.

Во оваа група уште играат Реал Мадрид и Брага. Реал води на табелата со девет бода. Наполи има седум, Брага три, додека ова беше прв бод за Унион Берлин.

Во групата Д, Реал Сосиедад ја совлада лисабонска Бенфика со 3:1 во Сан Себастијан и направи голем чекор кон осминафиналето. Реал Сосиедад го реши прашањето за победникот во воведните 20 минути. Имено, толку време им требаше на домашните да постигнат три гола. Најпрвин Микел Мерино погоди со глава во шестата минута за 1:0, потоа Микел Ојарзабал ја искористи грешката на гостите во 11. и зголеми на 2:0, додека најубавиот гол беше постигнат во 21. минута. Тогаш сѐ сам направи Баренечеа, кој од агол прецизно и силно погоди во спротивниот агол за 3:0.

Бенфика можеше и полошо да настрада во првите 45 минути кои домаќините ги одиграа како во транс. Еден гол на Реал Сосиедад беше поништен, додека во 29. минута Браис Мендез промаши пенал за 4:0.

Во продолжение Бенфика зема здив, но успеа само да намали на 1:3, а тоа беше гол на Рафа Силва во 49. минута. Бенфика со овој пораз загуби секаква шанса за осминафиналето, оставајќи само можна борба за третото место и Лигата на Европа.

Во вториот натпревар од оваа група играат Ред Бул Салцбург и Интер. На табелата Реал Сосиедад има 10 бодови, Интер е на седум, РБ Салцбург на три, додека Бенфика не освои ниту еден бод, а на денешниот меч го постигна првиот гол во групата.