Луфтханза ги приземји авионите поради штрајк на пилотите

Најголемиот германски авио-превозник Луфтханза денеска откажа 200 летови поради новиот штрајк на пилотите најавен за попладне, со што ќе бидат погодени 25 илјади патници.

Синдикатот на пилотите повика на одржување на шестчасовен штрајк од 17 до 23 часот поради плановите на Луфтханза да ја измени политиката на рано пензионирање, пренесува Франс прес.

Штрајкот ќе биде одржан на најголемиот германски аеродром во Франкфурт и ќе бидат приземјени главно домашни и регионални летови.Според соопштението на Луфтханза, одредени летови веќе се откажани, а најголем број од летовите ќе бидат откажани од 16 часот.

Според сегашни прописи, пилотите на Луфтханза имаат можност да заминат во предвремена пензија со 55 години, но авио-компанијата тоа сака да го измени и да ги подигне минималните години за заминување во пензија, како и да ги вклучи пилотите во финансирање на нивните пензии.