Лукаревска: СДСМ направи вистински чекори кон родова еднаквост и поголема вклученост на жените во општеството

Оваа година Меѓународниот ден на жената во светот се одбележува под мотото: „Инспирирај инклузија“ чија цел е да се охрабрат сите да реагираат кога жената не е вклучена во разговорот и во одлуките. Зашто вклученоста на жените е создавање на подобар свет, истакна заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска, на осмомартовскиот марш на СДСМ, што се одржа денеска во Кавадарци.

Лукаревска нагласи дека според истражувањата за глобалниот напредок кон еднаквоста, вистински степен на родова еднаквост во светот ќе биде постигнат за 100 години.

Немаме толку време за чекање. Генерациите кои доаѓаат, сакаат и имаат право на поинаков свет. Горда сум што како Социјал-демократи во изминативе години направивме вистински, а не декларативни чекори за унапредување на правата на жените, законски измени кои суштински водат кон родова еднаквост и поголема вклученост на жените во општеството, рече Лукаревска, додавајќи дека рамноправноста е процес кој не смее да застане, барем не, сė додека жените се помалку вреднувани за работните задачи, не додека имаат помала плата затоа што се жени, за на крајот да имаат и помали пензии, уште пострашно е што жените и натаму се жртви на злоупотреба, на сексуално вознемирување, на семејно насилство, на трговија, на вербален линч, сè почесто се жртви на емоционална торура чии лузни се невидливи, но далеку подлабоки, да не зборуваме за најтешката форма на насилство-убиство на жена само зашто е жена.

Лукаревска нагласи дека одамна е научена лекцијата лузните да бидат инспирација за мудрост, акција и солидарност.

Ајде да зборуваме не за битка за права на жените туку за моќта на еднаквоста и за придобивките од вклученоста на жените во општеството.

Зашто жените се силни, вредни, неопходни, порача заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска, од осмомартовскиот марш на СДСМ во Кавадарци.