Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва во неделата изјави дека верува оти треба да се спроведе темелна истрага за смртта на жестокиот критичар на Кремљ, опозицскиот блогер Алексеј Навални, пред да бидат изнесувани какви и да се обвинеувања.
Неговата изјава е во целосна спротивност со моменталната и остра критика што западните лидери ја упатија кон Русија поради смртта на Навални во петокот во казнената колонија близу рускиот Арктик. Очекувани, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин и „неговите насилници“ се одговорни за тоа.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли ваквите обвинувања, нарекувајќи ги неприфатливи.
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција по учеството во работата на самитот на Африканската унија во Адис Абеба, Лула рече дека во овој момент е прашање на „здрав разум“ да се воздржи од заземање став за смртта на Алексеј Навални.
„Тој граѓанин умре во затвор, не знам дали бил болен или имал некакви проблеми. Да обвинуваш значи да ги банализираш работите. Се надевам дека судскиот вештак ќе даде објаснување од што починал човекот, тоа е сѐ“, рече Лула.
Бразилскиот претседател постојано повикуваше на мир во Украина и порача дека Русија не требало да ја нападне Украина. Но, во исто време, тој тврди дека САД непотребно ја продолжиле војната.
На мајката на Навални во саботата ѝ било кажано дека нејзиниот син починал од „синдром на ненадејна смрт“ и дека додека не заврши истрагата, неговото тело нема да биде предадено на семејството.