Мајка обвинува дека нејзиното дете било врзувано со синџири во психијатриската болница „Демир Хисар“

Мајката на 17-годишно момче со аутизам, Салка Абдуловска, обвинува дека нејзиниот син бил врзуван во психијатриската болница „Демир Хисар“. Таа за „Слободен печат“ вели дека нејзиниот син бил врзуван и по телото имал видливи рани. Момчето 5 седмици било хоспитализирано во болницата, а таму било за опсервација, за да се адаптира на терапијата.

„Го држеле врзан, со синџири. Кога го земавме дома низ целото тело имаше рани. Ние го однесовме за опсервација, да му се погоди терапијата. Не го однесовме да го малтретираат детето. И не знаеме што се случува таму. Хоспитализиран беше 5 недели. Ни велеа да го извадиме надвор, но ние знаевме дека треба да се смири и тогаш да го земеме дома. Ѕвоневме, прашувавме и се консултиравме со докторите. Тие самите ни рекоа дека поради личната безбедност на син ми мораат да го држат врзан. Како велам, врзан?“, раскажува Абдуловска.

Таа прашува во кој век живееме и како можат вака да се однесуваат со дете.

-Детето со аутизам било лекувано според сите протоколи што ги даваат експертите по психијатрија, одговори денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, запрашан за реакцијата на родителите на детето со аутизам околу начинот на кој било третирано во психијатриската болница „Демир Хисар“.