![mjanmar zatvorenici](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/04/mjanmar-zatvorenici.jpeg?resize=620%2C348&ssl=1)
Воените власти на Мјанмар по повод традиционалната прослава на новата година во земјата во понеделникот ослободија 3.113 затвореници, од кои 98 се странски државјани, соопшти владата.
Мјанмарската војска во 2021 година ја собори цивилната влада под обвинение за финансиски махинации и изборна измама, а поради жестоките пресметки со политичките противници и граѓанските протести со многу жртви, беше осудена на меѓународната сцена.
Државниот секретар на воената управа, генерал-полковникот Аунг Лин Две, во писмената изјава објавена на каналите на војската на апликацијата Telegram истакнува дека амнестијата е „прослава на мјанмарската Нова година за на луѓето да им донесе радост“ и дека тоа претставува одговор на хуманитарните загрижености.
Портпаролот не бил достапен за коментар на барањето на Reuters, па останува нејасно на кого се однесуваат помилувањата.
Соборената и подоцна осудена по низа обвиненија премиерка Аунг Сан Су Чи, нобеловка која пред повеќе децении исто така беше опозиција на воените власти, во затвор отслужува вкупно 33 години казна по низата процеси кои за западните земји биле фарса.
Војската притвори и други членови од цивилната влада на Су Чи. Во затворите се уште најмалку 17.000 луѓе, а убиени се во протестите или затворите околу 3.200, тврди активистичкото движење Сојуз за помош на политичките затвореници (Assistance Association for Political Prisoners, AAPP).
Хунтата повремени масовно ослободува затвореници, но годинешната и ланската бројка се значително помали отколку во 2021 година, кога по повод овој будистички празник беа ослободени 23.000 луѓе.