Ма носете се сите во Среќна Нова Година!!!

Oва е време, кое наликува на екран на тв кој не емитува и кое дури и оној кој не е зависник просто го тера да конзумира некакви илегални супстанци за да не се самоутепа од сивилото на очоболната депресија на антифотони. Време без сенки.

Се’ повеќе ја имам таа неодолива ем декадентна потреба пак да прошетам на улиците на Лондон во овој период од годината за да кога ќе се вратам визуелно ја почувствувам темната материја на просторов и недостиг на лумени, кои они истите ги заменуваат со спектакуларни халогени златно-жолти амбиенти на просторите и излозите. Еден „виндоу шопинг“ таму може да ме ре-депресира во потполност – надолу од цените, нагoре од спектарот на ретината. Потоа се враќаш и запаѓаш во алкохолна треска на турбо-било-што за даги поништиш оние неврони во кои се врежале тие спектакуларни фотони. Планк, стоко една сељачка!

И деновиве, загрижен до помодрени теститси заради топењето на мразот на Арктикот и глобалното затоплување, предавнички ја закопчувам јакната до очи и се предавам на надоврешните тропски анти-темепратури, секако, со чемер за поларните мечки. Се потсетувам на истото ова срање… време, пред децении, градот исто сив, понекоја улица како украсена, излозите со депресивни ликови од „200 евра плата продавачи“ во бреднирани шопови не го дигаат… расположението. А, еуфоријата надвор кулминира со смрде.., пардон, аромата на прегорен зејтин на плоштадот во истиот кој веќе со месеци се тркала истиот, специлајнитет  „амерички“ крофни, кои ни азилант на „самрт“ од глад не би ги вкусил, иако на „милион“ начини направени – со чоколаден прелив и шеќер во прав или обратно, па истиот прелив накосо, во икс, па во паларелни линиии, цик- цак… абе да ти излудат сетилата, а непцата од мерак да умножат анитканцерогени антитела контра течниот ќумур додека мафташ ко ретардиран со оние светлечки лед балони. Тоа е тоа, успеавме! Либерасион! Види ваква лепота – „никаТ није било боље, а нече ни бити!“.

Ама некако, ништо не ми е по мерак, се чувствувам „цепачвлакно-ст“ и се ми е онака како што беше до пред некоја деценија, плус минус… Што ли славиме? Смена на гола „цица“ на календарот? А можевме солистиција, рамнодневица, афел или перихел на планетата, почеток на пролетта, зачеток на животот… Не, ние славиме ден без значење кој е од гомна – во лајна, без грам идеја и суштина, па мора да се замени со флоскули „најлудо“, „лудило“, „ненормално“… оти ниеден рационален не би дигнал веѓа на ваква колективна дебилштина… но, идиотизмот се раѓа во плимата на – „така сите прават“.

Се распаѓаме како радиоктивен изотоп со полиуживот од 1000 години, рајх не не’ бие! Ни угоре, ни удолу, тука, заробени во некое квантно поле, во временски меур, каде ништо не оди напред ни назад, што би рекол Хогар – „Цел живот никако да ослабам … чекај, па тоа е одлика на стабилен карактер!!! Нема таква компресија за која ние нема да најдеме оправдание зошто ни е добро да сме вака како што сме. Затоа ова време е само погодно на запотени и откоранто предепилирани певаљки кои во себе имаат повеќе силикон одошто сите мои квантни процесори за цел живот.

Забавата со такви не е забава, тоа е селектирано убиство на секој оној центар на добриот вкус, интелект, здрав разум кој празното место го пополнува со фотокопирана налеpница на која пишува – МА БАШ МЕ ЗАБОЛЕ, ЕДНАШ СЕ ЖИВЕЕ, ДАЈ БЕ УЖИВАЈ, ДУШАТА МИ БАРА…  Затоа нивото опаѓа и ќе опаѓа, копчето ниво минус 4 на лифтот сами го вклучивме.

Трчаме по локали и глуматаме демек пријатели, а не сте се виделе цела година, со роднини честитки преку фејзбук, со најблиските по некој смс со копи-пастирана порака од лани НЕКА НОВАТА ГОДИНА ВИ ДОНЕСЕ … а празното место го пополнуваш само името за да демек делува креативна и само нему посветено .. .ама и тоа баталивме … се поретко гости дома, се помалку луѓе на слави, исто како црквите во недела на литургија … Одбрана нема , а последни денови …

Се прашуваме зошто ни е вака како што ни е? Кој тоа нас не упропасти? Кој ни го сј*ба животот? Кој ни е виновен за изгубената вера, љубов, надеж, … дигнитет!?!? Дамериканци, гејдејци, флашисти, Пруси, Калканци, Танос ли е … племе му …

Јас … би сакал да се уштекам во матриксот и мојот инпринт-изглед да бидам како Клерк Гебл во последната сцена со Скарлет О’хара кога и вели – Frankly my dear, I don’t givе a damn! Ах колку би сакал до толку да сум “опериран”, но некаков ген ме тресе на бунт, отпор  … но, со многу алкохол, супстанци и турбо култура се ништи  и тоа.

Како и сите овие децении, така и во оваа, идете сите во … Среќна Нова Година и се најубаво во 2020!!! Ми се лоши колку ве сакам!

Автор: Јанко Илковски за НетПрес