Алехандро Мајоркас во вторникот стана првиот Хиспаноамериканец во американската администрација и ќе го води министерствотo за внатрешна безбедност, додека Пит Бутиџич стана прв министер кој отворено се декларира како хомосексуалец.
Именувањето на Мајоркас, син на кубански бегалци, Сенатот го потврди со 57 гласови „за“ и 43 „против“. Роден е во Хавана пред 61 година и ќе предводи големо министерство кое беше основано по атентатите од 11-ти септември 2001 година. Мајоркас, исто така, ќе биде задолжен и за надзор на спроведувањето на миграциските политики во САД.
Сенатот го потврди со 86 гласови „за“ наспроти 13 гласови „против“ во вторникот и Бутиџич за челник на американското министерство за сообраќај и тој ќе биде првиот деклариран хомосексуалец во владиниот кабинет потврден од законодавците.
Триесет и осумгодишниот Питер (Пит) Пол Монтгомери Бутиџич (Бутеџаџ), поранешен градоначалник на малиот град Саут Бенд во сојузната држава Индијана, имаше неверојатен политички подем во текот на трката аа претседателската номинација на демократите во 2020 година. Бутиџич стана тогаш сериозен предизвик за Бајден и другите фаворити меѓу демократски кандидати пред да се откаже од трката во март 2020 година по проблематичниот старт на демократските предизбори, и потоа да го поддржи Бајден.
„Почестен со од денешното гласање во Сенатот и подготвен сум за работа @USDOT“, напиша Бутиџич на Twitter.
Мајоркас и Бутиџич се меѓу ретките личности кои не беа дел од администрацијата на поранешниот демократски претседател Барак Обама, во периодот од 2009 до 2017 година кога Џо Бајден беше потпретседател на САД.