Шпанија и Велика Британија го надминале спорот околу Гибралтар, отстранувајќи ја една од последните пречки за мирното раздружување на Обединетото Кралство со Европската унија, кој треба да биде потврден на вонредниот самит во недела во Брисел.
Договорот меѓу Лондон и Мадрид официјално го потврдија британската, шпанската и владата на Гирбалтар.
Шпанскиот премиер Педро Санчез официјално извести дека Шпанија постигнала договор за Гибралтар и оти има намера да гласа за британското излегување од ЕУ. „Шпанија ќе го повлече ветото и ќе гласа за брегзитот“, истакна.
Британската влада соопшти дека за иднината на својата прекуморска територија на Пиринејскиот полуостров, ќе разговара директно со Мадрид.
„Во преговорите за излегувањето од ЕУ, а земајќи ги предвид специфичните околности за Гибралтар, одржавме договор со Шпанија во коишто директно беше вклучена владата на Гибралтар. Станува збор за конструктивни разговори и радосни сме што истиот пристап ќе го имаме и во идните односи“, соопшти портпаролката на британската влада.
Договорот меѓу двете држави обезбедува договорот за брегзитот дека нема да влијае на преговарачката позиција на Лондон во врска со идниот статус на нејзините територии. Исто така, „не воведува никакви обврски во врска со територијалните прашања во идните договори“, се истакнува во соопштението на Даунинг стрит.
Меѓутоа, тој истовремено ѝ го гарантира правото на Шпанија да разгледува и да одобрува какви и да се идни договори кои се однесуваат на Гибралтар, стратешката британска енклава на важниот поморски пат меѓу Европа и Африка на којашто Мадрид полага право, велат дипломатски извори од Брисел.
Веста за договорот меѓу Лондон и Мадрид значи дека самитот на ЕУ во недела може да се одржи, како и што беше планирано. Се очекува дека челниците на земјите членки на Унијата ќе го поддржат договорот за британското истапување, отворајќи го патот за неговото формално ратификување. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, упати во саботата попладнето официјална покана за шефовите на државите и владите на земјите членки на ЕУ, потврдувајќи дека состанокот на врвот ќе се одржи.
„Ќе предложам во недела да го усвоите исходот од преговорите за брегзитот. Никој нема причина да биде среќен. Меѓутоа, во ваквите тешки моменти, ЕУ27 го положи тестот не единството и солидарноста“, истакна во својата објава на Twitter, европскиот челник.
Премиерката Меј го има потешкиот дел од работата
Текстот на договорот за напуштањето на Велика Британија на Европската унија и политичката декларација за идните односи се усогласени на ниво на преговарачите и на самитот би требало да добијат политичка поддршка од европските лидери. Рече дека е погрешно да се каже дека постојат само две опции: договорот кој го испреговара Меј или излегувањето без договор. Постои и опција на подобар договор, смета Фостер.
Во Брисел одбиваат да коментираат што може да се случи доколку договрот за раздружувањето не мине во британскиот парламент или доколку падна владата на премиерката Меј., Меѓутоа, велат дека ЕУ веќе извесен период се подготвува и за сценариото на брегзит без договор за раздружувањето, што би претставувало најлошата опција.
Во саботата попладнето е решено единственото преостанато прашање, она за Гибралтар, откако Шпанија побара измени во нацрт-договорот за брегзитот и изјава за идните односи, за да биде јасно дека одлуките за оваа британска територија ќе бидат носени само во директни преговори со Мадрид. Ова прашање, најверојатно, ќе биде решено со посебна изјава.
По самитот на ЕУ, сепак, следи најтешкиот дел, и тоа за британската премиерка Тереза Меј, којашто мора да осигури мнозинство во британскиот парламент, што во овој момент е крајно неизвесно, имајќи го предвид незадоволството кај голем дел пратеници од нејзината владејачка Конзервативна партија.
Челничката на малата северноирска партија која на Меј ѝ овозможува да владее со тесно мнозинство, Демократската унионистичка партија (DUP), Арлин Фостер, изјави дека нема да може да го поддржи договорот за излегувањето од ЕУ во формата во којашто тоа е договорено.
По самитот во недела во Брисел, целото внимание ќе биде насочено кон Лондон, во британскиот парламент. Премиерката Меј вели дека би сакала парламентот да гласа пред парламентарната пауза којашто започнува на 21-ви декември. Доколку договорот ја добие поддршката во парламентот, тогаш британската влада мора да предложи закон за излегувањето од ЕУ, како и акт за спроведувањето, што, исто така, може да предизвика бурни дискусии.
Од страна на Брисел, пак, неопходна е согласноста на Европскиот парламент. Европските парламентарци нема за тоа да се изјаснуваат пред договорот да добие зелено светло во британскиот парламент. Доколку тоа се случи, европските парламентарци ќе подготват извештај за договорот за раздружувањето и политичка декларација и тогаш ќе гласаат на пленарна седница., За прифаќањето на извештајот потребно е просто мнозинство.
Гласањето за Европскиот парламент би можело да се одржи на почетокот од следната 2019 година, а теоретски е можно тоа да се случи и на 28-и март 20019 година, последниот ден од пленарната седница пред излегувањето на Велика Британија што треба да стапи на сила вечерта на 29-ти марти 2019 година. По ратификацијата во Европскиот парламент, договорот за разидувањето мора да го одобри и Европскиот совет, највисокото политичко тело во ЕУ, коешто го сочинуваат шефовите на државите и владите на земјите членки. Во Европскиот совет, пак, договорот мора да има квалификувано мнозинство од 72 отсто од 27-те земји членки, односно од 20 држави членки, коишто претставуваат најмалку 65 отсто од населението во ЕУ.
По 17-те месеци преговори, избегната „тврдата граница“
Од 29-ти март 2019 година на полноќ, Велика Британија, станува третата страна во однос на ЕУ и повеќе не може да учествува во носењето одлуки во телата на Европската унија. Започнува да тече преодниот период во кој Велика Британија останува дел од единствениот пазар и царинската унија, мора да ги почитува сите европски правила и да уплатува во европскиот буџет. Преодниот период е договорен до крајот на 2020 година, а според политичката изјава, тој може да биде продолжен најмногу до две години, значи до крајот на 2022 година.
Дури по 29-ти март 2019-та може формално да започнат преговорите за идните односи, а основа за овие преговори ќе биде политичката декларација којашто ги дава засега само контурите на тие идни односи меѓу Обединетото кралство и Европската унија.
За договорот за разделбата се преговараше 17 месеци. Најтешкото прашање во преговорите беше прашањето на границата на ирскиот остров, а е решено така што Велика Британија, односно нејзината покраина Северна Ирска, и Европската унија, односно нејзината членка Република Ирска, ќе сочинуваат единствена царинска територија, додека не биде постигнат договорот за идните односи. Така ќе се избегне ткн „тврда граница“ меѓу двете Ирски, на што двете страни се обврзаа уште на самиот почеток на преговорите, за да се сочува мировниот процес во Северна Ирска.