Македонци вселенски ентузијасти го развеаја знамето во НАСА: Тим од Македонија, организатор на спејс-апс настаните во Маунтин Вју, Кливленд и Струмица

Македонскиот тим кој членува во Интернешнл Спејс Алијанс имаше значајни успеси годинава. Наши дечки од Македонија водеа три НАСА Спејс-Апс хакатони истовремено, и тоа на следниве локации: првиот, во Маунтин Вју, во срцето на Силиконската Долина, во Калифорнија, каде домаќин беше НАСА Амес истражувачкиот центар. Вториот беше во Кливленд, Охајо, каде домаќин беше НАСА Глен Истражувачкиот Центар. И третиот на домашно тло, во Струмица, Македонија, предводен од Зорица Масникоса Поп-Трајкова.
Македонскиот тим составен од Давид Мука, Стефани Христов и Боби Софронијоски, а предводен од главниот организатор Mартина Димоска, успешно се претстави на американско тло, поточно, во Калифорнија. Во Струмица, пак, главните збидувања беа поддржани од Драган Мојсовски, Андреј Јаневски и уште неколку членови од организацискиот тим. Македонскиот тим тесно соработува со локалци од тие региони, како и со тимови од истражувачките центри.
Импресивна е способноста на тимот и нивната посветеност, затоа што не само што успешно изменаџираа настан на неколку локации, туку и за тоа што на нивна иницијатива го пресликаа уникатниот модел на НАСА Глен Истражувачкиот Центар од Кливленд во срцето на Силиконската Долина, во Маунтин Вју во НАСА Амес Истражувачкиот Центар. За ова е најзаслужна Мартина Димоска. Благодарение на нејзината кариера, нејзината истрајност и посветеност и способноста да плови во корпоративните и легислативните води, се дојде до вакви резултати.
Ваквите хакатони најчесто се одржуваат на многу разновидни локации низ светот, од приватни академии, до кафулиња, хабови, акцелератори и канцеларии, па самиот тој микс и константно менување на локации, според тимот, е неодржлив модел. Според нивната проценка и анализирањето на претходните слични хакатони изведени во Силиконската Долина, Сан Франциско и околината, честото менување на организациски тимови и локации не го одржало правилниот дух. Нивното долготрајно партнерство со стабилни, чесни и искрени индивидуи и градењето полека, но сигурно, доведе до успех на интернационално ниво, што е гордост за секој од нас. Пред сѐ, затоа што нивните модели ги негуваат интернационалните односи и иако пандемијата на ковид-19 помина, тие активно одржуваат хибриден модел, на локација и онлајн, за да можат да се вклучат сите, што дава многу можности и за Македонија. Учесниците може да имаат флексибилност и да одберат како ќе го менаџираат нивното време, а нашите тимови сѐпосилно притискаат за поголема соработка на интернационално ниво и за поголем пристап.
Групирајќи повеќе од 200 натпреварувачи низ три локации, каде што сите учесници имаат пристап до сите инволвирани ментори, експерти и заедно делат исти платформи на комуникација за да им биде достапно сѐ, овозможува еден креативен начин на соработка, кој што активно се копира од другите во регионот. Тимот смета дека партнерството со НАСА Глен Истражувачкиот Центар и НАСА Амес Истражувачкиот центар не само што овозможува врвни експерти од истражувачките центри и клучни играчи од индустријата достапни за секој учесник, туку обезбедува и интерна соработка меѓу двата истражувачки центри.
Претходно само НАСА Глен Истражувачкиот Центар беше единствен од таква природа што го одржува хакатонот во своите простории, но тимот го овозможи истото и во НАСА Амес Истражувачкиот Центар. Овој херојски подвиг каде нашите драги вселенски ентузијасти и јавни личности се директно и активно инволвирани, го заслужува целото наше внимание и неизмерна поддршка.
Инаку, еден од спонзорите на настанот е и македонскиот бренд „Мама’с“ кој за учесниците на настанот во Кливленд, Охајо, обезбеди 50 тегли ајвар.
Фото: Стефани Христов