Македонците чуваат 4,5 милијарди евра во банките

Македонските граѓани не ги чуваат парите под перница, туку повеќе сакаат да ги штедат во банка. Оставањето пари на банкарска сметка изгледа дека останува практика, не само за граѓаните, туку и за фирмите, без разлика на фактот дека каматите на штедните влогови на банките се мошне ниски.

Депозитите на населението во септември годинава изнесуваат 273,9 милијарди денари или 4,5 милијарди евра и тие се поголеми за 8,8 отсто во однос на септември минатата година, покажуваат податоците на Фондот за осигурување депозити, што е потврда дека граѓаните имаат доверба и ги чуваат парите во банките и покрај намалувањето на каматните стапки. Вложени се 394,472 милиони денари, од кои најголемиот дел се депонирани од домаќинствата, односно вкупно 262,458 милиони денари. Компаниите во вкупните депозити учествувале со 104,178 милиони денари. Тоа значи дека и потенцијалната кредитна маса на комерцијалните банки претежно доаѓа од депозитите на самите граѓани.

Според податоците на Народната банка на Република Македонија, НБРМ, вкупните депозити на крајот на септември годинава се зголемени за дури 10,1 отсто. Раст има и кај депозитите на населението, но и кај корпоративното штедење, со тоа што повеќе депозити имало кај физичките лица, односно на штедни книшки.

Повеќе од половина или 51,8 отсто од депозитите се во денари, а останатите 48,2 отсто се девизни. По видување се 51,1 отсто, а орочени депозити се 58,9 отсто. Според податоците на НБРМ, вкупните депозити на годишна основа во септември 2019 година се зголемени за 10,1 отсто, при евидентиран раст на кај двата сектора, но поизразено кај домаќинствата.

Инаку, по повод 31 октомври, Светскиот ден на штедење, денеска ќе се одржат едукативни настани и кампањи за промоција на штедењето од банки и институции.

Во Зоолошката градина во Скопје, под мотото „Штедиме за сите наши желби“, Халк банка приредува настан преку кој ќе им овозможи на основците од „Коле Неделковски” и „Кристијан Тодоровски-Карпош” и на децата од предучилишна возраст од градинките „Распеана младост” и „Орце Николов” да го откријат значењето на штедењето уште од најрана возраст.

Македонската банкарска асоцијација и Фондот за осигурување депозити организираат настан на кој ќе се обрати министерката за финансии Нина Ангеловска, гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска Бежоска и директорот на Фондот за осигурување депозити Борче Хаџиев. Настанот ќе биде збогатен и со едукативен дел за учениците од основните и средните училишта и за студентите со цел да се стимулира развивањето навики за штедење кај младите.