Во пресрет на најголемиот македонски национален празник Илинден, Македонците од Белград и здружението „Македониум“ традиционално и годинава по дванаесетти пат го одбележаа 2 Август со пригодна културно-уметничка програма што се одржа во земунскиот амфитеатар Гардош, во Белград, јави дописникот на МИА од Белград.
-И годинава се собравме по тој повод, организиравме пригодна програма и се надеваме дека овој историски настан ќе биде убав повод да се дружиме, да се видиме и да се потсетиме на нашиот јазик, култура и традиција, изјави Елисавета Ивановска Стојановиќ од здружението „Македонум“ од Белград.
На одбележувањето на Илинден кое беше во рамките на земунското култутурно лето покрај гостите од Македонија, тетовското драмско друштво при Домот на културата Иљо Антевски Смок кои ја одиграа преставата „Султанот се враќа“ учествуваше и етно музичката група „Македониум“ од Белград.
-Оваа група постои пет години чија цел е негување на македонската музика и со неа се преставуваме во Србија, кажа Ѓурѓа Авокатов од етно група „Македониум“ во Белград.
Покрај „Македониум“, на одбележувањето на Илинден во Белград настапи и етно музичката група „Исток 10“ од Вршац со сплет на македонски народни песни.
-Групата „Исток 10“ е основана со цел сочувување на традиционалната музика на овие простори, српска, македонска, руска и друга музика. Особена чест ми е да пееме и македонски песни, бидејќи повеќе членови се со македонско потекло и затоа ни е најзастапена македонската песна, изјави Дарко Ристевски од Гудирца крај Вршац член на групата „Исток 10“.
Македонците во Србија традиционално го одбележуваат Илинден, а централно место е положувањето на свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во населеното место Јабука крај Панчево.