Македонија ја победи Швајцарија на ЕП

Македонската ракометна репрезентација ја оствари првата победа на ЕП 2024 година и тоа против Швајцарија (29-27), која не значи ништо освен престиж на ова првенство, но е вистинско злато во однос на иднината на овој спорт кај нас. Вечерашната победа значи пласман на третата позиција во групата и носи едно од местата кои носат во првиот барабан за баражот за СП 2025, кој автоматски би требало да значи полесен противник на патот кон продолжување на низата настапи на големите натпреварувања.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров овој пат натпреварот го почнаа далеку поагресивно, одбраната беше цврста и мобилна, што го збуни противникот, кој никако не можеше да го најде патот до нашиот гол. А и ако го најдеше, таму последен бедем беше голманот Мартин Томовски, кој имаше седум одбрани само во првото полувреме. Сето ова резултираше со константно водство на македонскиот состав, кој со серија 6-0 дојде до огромни плус пет (10-5) по дваесетина минути од мечот.

Во тој момент, Швајцарците заиграа малку поангажирано и вратија со три гола во низа, но тоа дополнителни ги мотивира нашите ракометари, кои вратија на идентичен начин (13-8). Водството од пет голови го одржавме и во првите десет минути од второто полувреме (17-12), кога полека почна падот во играта на македонската селекција. Следуваше првото исклучување за македонски ракометар, кое противникот го казни со три голови со кои најави дека нема намера да се предаде. Нашата одбрана полека попушташе, а во нападот правевме грешки, поради што Швајцарија полека, но сигурно ни се приближуваше, за да дојде до првото првото изедначување по дури 40 минути наше водство (23-23). Потоа се играше гол за гол, со иницијатива на тимот од Алпите, кое не надмина повеќе од еден гол најмногу поради двете одлични одбрани на Марко Кизиќ, кој само што влезе во игра.

Најдобар стрелец на мечот беше Енди Шмид со 11 погодоци. Во таборот на Македонија по пет пати погодија Марко Митев и Ненад Костески, додека голманот Мартин Томовски имаше 12 интервенции.

Извор: Спорт1.мк