Македонија без Ѓорѓиев загуби од Холандија

ез најдобриот наш одбојкар Никола Ѓорѓиев, македонската одбојкарска репрезентација не можеше ништо повеќе од пораз во три сета од Холандија (19-25, 19-25, 16-25), но без оглед на поразот, избраниците на Јошко Миленковски одиграа машки против големиот фаворит и најавија дека утревечер со подготвениот свој капитен може да ја победат Чешка за трето место во групата.

Македонија која веќе го оствари зацртаното и избори историско осминафинале покажа и многу повеќе од очекуваното откако остана без својот најдобар играч, па посебно радува карактерот и камбекот во вториот сет кога на сервис на Александар Љафтов, црвено-жолтите направија серија од 7-0, за веќе загубениот втор сет да го претворат во неизвесна завршница.

Пресуди денеска незапирливиот Нимир Абдел-Азиз, но и извонредниот блок кој секогаш кога беше потребно функционираше за да нѐ сопре во нападите за уште понеизвесни сетови.

Македонија беше во егал со Холандија во првиот сет до неговата средина, кога „лалињата“ од 14-15 избегаа на плус четири (15-19) и потоа рутински го одработеа финишот зголемувајќи ја разликата до највисоките плус шест (25-19), пред сѐ благодарение на трите аса на сервис на Абдул-Азиз.

Многу посиловито тргна Холандија во вториот сет, брзо направија три поени предност, а таа негатива последен пат ја имавме на 8-11 по што со две серии од 4-0 и 5-1 дојдоа до 19-9. Сетот беше загубен, ама на сцена стапи Љафтов со три аса во серијата 7-0, за 10-20 да нѐ донесе само на минус три (17-20). Сепак, блокот на Холандија во завршницата пресуди за вторпат сетот да го освои Холандија со 25-19.

Во третиот сет, Холандија отвори со 3-0 и потоа ја зголемуваше предноста до најголемите 15-8 кога Миленковски побара тајмаут за да ги предупреди избраниците да не го расипат впечатокот во овој сет, но немаше сила кај македонските одбојкари да го направат овој сет и повозбудлив, па Холадија ја одржуваше разликата на пет-шест разлика за да го освои и овој сет и да ја запише новата победа.

Абдел-Азиз заврши со 15 поени, додека Љавтов кај нас имаше 14.