Македонија ќе биде лидер во изнаоѓањето на решенија во борбата со дезинформациите, порача Заев

Како Влада имаме голема обврска и одговорност да се спротивставиме на дезинформациите и да ги спречиме штетите кои ги нанесуваат лажните вести. Затоа еден од нашите приоритети е „Стоп за дезинформациите“, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција, на која ги презентираше проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година.

Тој најави засилени активности во периодот што следи, широки консултации со медиумските работници и граѓанскиот сектор и, како што рече, уште посериозна борба со дезинформациите, со говорот на омраза и другите облици на хибридни закани против демократијата во нашето општество, во рамките на Планот за одлучна акција против ширењето на дезинформациите и против нападите врз демократијата.

-Со овој план се изработи и протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, кој доколку не постоеше во време на ковид кризата низ која поминуваме, ќе имавме големи тешкотии во справувањето со лажните вести, кои во огромен број беа пласирани преку квази медиуми. Такви тенденции се препознаваат уште сега и со вестите поврзани за вакцината против КОВИД-19 со цел да предизвикаат недоверба кај граѓаните и да ги обезвреднат силните напори на институциите и лекарите во борбата со пандемијата.

Овие обиди ќе се разобличуваат како дезинформации во соработка со факт чекерите и на медиумите ќе им се обезбеди најтранспарентно пристап до релевантни извори и информации за креирање објективни медиумски содржини од јавен интерес. Владата има обврска да го штити јавниот интерес и во таа смисла ќе направиме се што е во наша надлежност населението да биде целосно, навремено и точно информирано за начините на заштита од КОВИД, вклучително и за процесот на вакцинација, рече Заев.

Кога станува збор за одбраната од сајбер нападите, Заев објави дека е завршена процедурата за усогласување на Меморандум за соработка на нашето Министерство за одбрана со НАТО, на полето на сајбер одбраната и документот е подготвен за потпишување, што, како што кажа, ќе овозможи координирана реакција на сојузниците во случај на сајбер напади.

-Македонија ќе биде лидер во изнаоѓањето на решенија во борбата со дезинформациите кои го напаѓаат целиот свет, и верувам дека рамо до рамо со партнерите од западот и НАТО, соодветно ќе возвратиме на оваа штетна појава, рече Заев.

Најави и дека медиумската писменост ќе стане дел од наставата со цел, како што вели, да им помогнеме на младите генерации да бидат најсилните отпорници на лажните вести.