Македонија е единствена во регионот и во Европа со пад на цените на храната од 4,36%, вели Битиќи

Според вицепремиерот Фатмир Битиќи, навремено преземените мерки на Владата, како замрзнување на трговски маржи во трговијата, намалување на стапката на ДДВ од 10% на 5% кај основните прехранбени производи, субвенционирањето на електричната енергија на производителите на прехранбени производи, како и замрзнувањето на цените на основните производи во маркетите кои се со „гарантирана цена“, дале реални резултати.
„Поради сето ова, во октомври имавме пад на инфлацијата на 3,5%, од рекордните 19,8 во октомври минатата година. А денеска угледниот сајт www.tradingeconomics.com, забележува дека Северна Македонија е единствена во регионот и Европа со пад на цените на храна од 4,36%.

За споредба, во непосредното опкружување и регионот, Србија бележи раст на цените на храната од 10,5%, Албанија 7,8%, Бугарија 7,6%, Грција 9,93%, Косово 3,9%, Црна Гора 3,8%, Хрватска 8,7%, Романија 8,66%, Босна и Херцеговина 6,24%, Турција 71,99%, Словенија 7,32%.

Земено пошироко, Обединетото Кралство има раст на цените на храната од 10,1%, Германија 6,36%, Франција 7,8%, Италија 6,5%, Шпанија 9,5%, Холандија 7,8% итн.

„Ова е уште една потврда дека Владата се грижи за граѓаните на оваа земја и дека прави максимални напори во борбата со растечките цени на храната на светските пазари со цел да го заштити животниот стандард и да го унапреди преку константно зголемување на пензиите, на минималната плата, истовремено креирајќи поволна и предвидлива бизнис клима“ рече Битиќи.