Македонската Армија наскоро треба да добие осум нови повеќенаменски хеликоптери „Агуста 149“ и „Агуста 169“ откако понудата на италијанската компанија „Леонардо“ е оценета како најсоодветна. Ова синоќа го соопшти министерката за одбрана Славјанка Петровска која рече дека се работи за процесот на модернизација на хеликоптерските капацитети на Армијата.
-Пред една недела одржавме Управна група, на која што ставот на Генералштабот, што беше потврден од останатите вклучително и од мене, е дека најсоодветна, согласно перформансите, цената, вклучително и системот за одржување е понудата од италијанската компанија „Леонардо“, рече министерката Петровска во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
Набавени ќе бидат два типа на хеликоптери, „Агуста 149“ и „Агуста 169“. Едниот хеликоптер е со поголема носивост, до 14 патници со опрема, а другиот е со помала носивост, до 8 патници исто така со вклучена опрема. По оваа одлука се влегува во фаза на формирање на комисијата за набавки која ќе започне со преговарање со компанијата чија што понуда е селектирана како најповолна.
Инаку, во март минатата година Македонија одлучи да ги донира своите 12 борбени хеликоптери Ми-24 на Украина. Тогаш, министерката Петровска објасни дека тие уреди се при крајот на работниот век.
-Хеликоптерите кои Северна Македонија ги донираше на Украина се нефункционални за нас бидејќи немаме резервни делови, кои се од руско производство. Старите хеликоптери, произведени во 1984 година ги заменуваме со нови од западно производство, рече тогаш Петровска.
Во однос на останатите проекти за модернизација, министерката истакна дека по пристигнатите 32 возила, годинава се очекуваат околу 16 дополнителни ЈЛТВ оклопни возила од американско производство, како и првите оклопни возила „Страјкер“.
Согласно договорите за набавка, истакна Петровска, испораката на системите за противвоздушна одбрана од Франција се очекува во втората половина на 2025 година, додека артилериските системи од Турција треба да пристигнат во периодот 2025-2026 година.
Буџетот за одбраната годинава го надмина прагот од 2 проценти од БДП, односно изнесува 2,05 отсто или околу 327 милиони евра. Една третина од одбранбениот буџет е наменет за модернизација и опремување на Армијата со што Македонија ги исполни двата критериуми на НАТО- Алијансата за буџетирање на одбраната – минимум 2 проценти од БДП за одбрана и најмалку 20 отсто од овие средства за модернизација.