Македонија ги доби првите 110 милиони евра од задолжувањето кај ММФ од вкупно 530 милиони евра

Македонија ја добива првата транша од 110 милиони евра од последното одобрено задолжување кај Меѓународниот монетарен фонд од 530 милиони евра  преку Инструментот за претпазливост и ликвидност (ПЛЛ), објави Министерството за финансии. Претходно Одборот на директори на ММФ го одобри заемот за Македонија во рамки на Инструментот за претпазливост и ликвидност.

Според министерството, средствата се за справување „со шокот кој доаѓа однадвор, за поддршка на граѓаните и компаниите и стабилност во снабдувањето со храна и енергенси“. Додаваат дека останатиот дел се обезбедуваат само како превентива и резерва на земјата.

Според најавата од МФ, парите кои ќе ги повлече земјава годинава ќе се користат за политиките предвидени со ребалансот на буџетот поврзани со енергетската криза.

-Политиките што ги спроведуваме овозможија пристап на земјата до овој Инструмент, што овозможува обезбедување средства по многу поповолни услови од она што е актуелно на финансиските пазари. Тоа значи обезбедени се средствата за политиките планирани со ребалансот на Буџетот до крајот на оваа година, средства за справување со шокот кој доаѓа од надвор, средства за поддршка на граѓаните и компаниите, а пред се најважно е да обезбедиме стабилност во снабдувањето со храна и енергенси, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Следната транша од 155 милиони евра ќе се користи во текот на 2023 година.

Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ е наменет за земјите членки на оваа меѓународна финансиска институција кои имаат докажани здрави економски основи и спроведуваат одржливи политики и тој е воведен во 2011 година.