Македонија ги надигра Исланѓанките, баражот за СП ни е „сервиран“

Македонските ракометарки славеа против Исланд со 24-17 и со тоа, практично, ја остварија најважната победа на квалификацисиот турнир, кој викендов се одржува во „Борис Трајковски“. Утре и задутре, во истиот термин, од 17 часот, преостануваат дуелите против Литванија, односно со Грција, репрезентации, кои објеткивно важат за послаби од Исланд.

Сепак, колку и да годи победата, не може да се занемарат недостатоците во играта, пред се во поглед на константноста, односно падовите во текот на 60-те минути. Токму поради таков „црн период“, уште рано во натпреварот Македонија се најде во „дебела“ негатива.

Беше 2-2 по четири минути игра, а потоа Македонија како да застана, претерано правеше грешки и не успеа да постигне гол, речиси, 14 полни минути! Исланѓанките за тоа време не дека блескаа, имаа и тие грешки во нападот, но сепак успеаја да направат серија од пет невозвратени гола и да поведат со 7-2. Македонија го скрши постото во 18. минута и со тоа почна своја серија.

Сега Исланд беше на ред да се бара на паркетот и да ги поврзе своите напаѓачки редови. Почна да брани и Матеа Серафимова, а Сара Ристовска ја предводеше Македонија во серија, прво од пет гола по ред, а потоа и 9-1, за да поведеме со 11-8 по првото полувреме.

За жал и стартот на вториот дел беше сличен на првиот, Македонија бавно влезе во ритам и му дозволи на Исланд да се врати, повторно со пет гола едноподруго (12-13 во 38. минута), но за среќа ова премрежје траеше нешто пократко, 8-9 минути. Македонија повторно се врати со сличен рецепт: Серафимова го скроти нападот на Исланд, голема помош имаше од агресивната зона 6-0, а Ристовска казнуваше напред, па водството достигна 20-16 во 53. минута.

Конешниот резултат беше и највисока предност за Македонија, а во него Ристовска постигна, без малку, пола од головите, дури 11, Ѓорѓиевска броеше до шест. Серафимова на голот запиша осум одбрани, а нејзината колешка Торстеинсдотир беше најимпресивна кај Исланд, со 11 одбрани. Со оглед дека првите две репрезентации од групата се пласираат во баражот за СП, Македонија, речиси, ја заврши работата. Утре од 17 часот со Литванија и в недела во истиот термин со Грција, треба само да го потврди првото место.

Извор и фото: Спорт1.мк